Германската полиција се судри со демонстрантите во Берлин, кои протестираат против рестриктивните мерки поради епидемијата на корона вирусот. Полиција соопшти на Твитер дека се уапсени повеќе од 100 луѓе.
Демонстрантите извикувале „Го сакам својот живот назад“ и носеле транспаренти со кои пишувало „Да ги заштитиме уставните права“, „Слободата не е се, но без слобода се е ништо“, а на еден пишувало „Тато, што е тоа бакнеж?“.
Локалните медиуми пренесуваат дека на плоштадот Роза Луксембург се собрале околу илјада луѓе. Некои демонстранти се обиделе да држат дистанца седејќи на трева и улица и носејќи маски, но некои се групирале, пренесе Ројтерс.
Германскиот уставен суд на почетокот на месецот донесе одлука луѓето да имаат право да протестираат, ако се придржуваат на правилата за социјална дистанца.