Вистинско доживување за посетителите се случува на улиците во Струмица, каде се одржува традиционалното карневалско дефиле. Гостите од земјава и странство сведочат на струмичката креативност, на уникатните маски, креациите со разни мотиви, како и музичко-сценски настапи.
Покрај посетителите од страна, дури 11 меѓународни карневалски групи од Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија, како и преставниците од Федерацијата на Европски карневалски градови од Холандија го почувствуваа гостопримството на струмичани.
Бројката од вкупно 35 карневалски групи кои учествуваат во Интернационалното карневалско дефиле не е случајна, туку е избрана симболично, во знак на обновувањето на организираната форма на Струмички карневал.
Манифестацијата е најдолготрајното празнување под маски кај нас, па не напразно се вели дека Струмица е Рио на Балканот. Шаренило од бои, маски, креативност и забава, а истовремено и туристичка атракција позната по својата уникатност, која ја зголемува локалната економија.
Преполни угостителски и сместувачки капацитети, задоволни локални продавачи и сопственици на разни мали бизниси, се само дел од придобивките од карневалот за општината. Вековната традиција со секое свое ново издание ја потврдува својата вредност, не само на домашната, туку и на светската карневалска сцена.
Вики Клинчарова