(ВИДЕО) Стојановски: По изборите ќе се преслика политичката разврска од 2006 – ВМРО ќе го исклучи ДУИ од идната влада, СДСМ е во незавидна ситуација!

Влатко Стојановски од „Фокус“ говореше за крвавиот упад во Собранието пред 7 години, но и за политичката ситуација во пресрет на вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори, со акцент врз можните постизборни коалиции, за поставеноста на албанскиот фактор кон уставните измени, за судирот на концепти меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кон интеграцискиот процес, за ефектот од националистичките или популистички наративи на ВМРО и ДУИ, за неизвесната иднина на СДСМ, за стагнацијата на Левица...

by Фокус

Влатко Стојановски, главен и одговорен уредник на неделникот „Фокус“ и новинар, во програмата на „Слободен печат“ и „Градска.мк“ говореше за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, кога присуствуваше во Законодавниот дом и потоа правдата ја бараше по судски пат, но се осврна и на политичката ситуација меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори, што ќе се одржи заедно со парламентарни избори.

Влатко Стојановски за „27 април“: Бавната правда и селективната правда се неправда!

Во однос на прашањето дали е можна коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, чиј лидер Максим Димитриевски на 27 април, 2017 година беше пратеник на СДСМ и воедно таргет на лицата што упаднаа, Стојановски рече дека таа коалиција не само што е можна, туку речиси и извесна.

Тој смета дека во таа насока оди нивната соработка на локално ниво во Куманово и принципот на ненапаѓање, но и блискоста на нивните јавни пораки и програмски определби.

Акцент се става на борба против корупција. Се задржува стратешката цел за евроинтеграции, но не по секоја цена. Се говори за адаптирање на преговарачката рамка и нејзино модифицирање. Тука гледам синхронизираност и таа коалиција е речиси извесна, иако Димитриевски и Христијан Мицкоски на 27 април беа на спротивни страни.

Но, да предочам дека со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори соработуваше и Алијанса за Албанците, чиј лидер Зијадин Села помина најлошо, беше крвнички претепан и одвај му беше спасен животот. Тоа покажува дека во политиката брзо се забораваат работите што двојат и доминира политичкиот интерес – вели тој.

АЛБАНСКИОТ ФАКТОР И УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

Според него, ДУИ има декларативна позиција да го условува формирањето на идната влада со усвојување на уставните измени, односно тоа да се случи во периодот меѓу конституирањето на новиот парламентарен состав и изборот на новата влада, со што би се пресликал рецептот со амнестија на хашките случаи.

Наспроти тоа, посочува Стојановски, албанската опозиција или ВЛЕН имаат значително пофлексибилен став во однос на оваа тема, што го олеснува формирањето на идната влада.

На пример, Биљал Касами вели дека со ВМРО-ДПМНЕ на власт полесно ќе се надмине тој проблем, таа пречка на патот кон ЕУ, отколку со ВМРО во опозиција. Со ВМРО во опозиција, во секоја варијанта, не може да се постигне двотретинско мнозинство, освен ако не се повтори сценариото со Преспанскиот договор, кога се кршеше ВМРО и се откинуваа пратеници.

Арбен Таравари, пак, говори за рок од 6 месеци кој треба да и се даде на новата влада за да го надмине тој проблем. Сето ова е добра почетна основа да се направи таа коалиција меѓу ВМРО, ЗНАМ и ВЛЕН – вели тој.

СУДИР НА КОНЦЕПТИ ЗА ИНТЕГРАЦИСКИОТ ПРОЦЕС

Инаку, Стојановски не очекува обврската за уставни измени да се надмине до следните локални избори, меѓутоа истовремено не очекува ниту да се загрози европската перспектива.

Единствено, додава тој, зависно од развојот на настаните дома, но и на меѓународната сцена, овој процес може да се пролонгира. Како што вели, конечниот епилог зависи од судирот на два крупни концепти.

СДСМ и ДУИ сметаат дека геостратешки, поради воената инвазија на Русија во Украина, сега се отвора прозорец кој ние треба да го искроистиме и да направиме конечен пробив, нели 2030 се поставува како реална цел, бидејќи тој прозорец кога ќе се затвори прашање е кога повторно ќе се отвори.

За разлика од нив, опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) смета дека, какви отстапки и да направиме, нема да станеме членка на ЕУ, се додека не се затворат сите отворени прашања на Западен Балкан, а главното и најтешко прашање е спорот меѓу Србија и Косово, кое нема да се реши во блиска иднина.

Оттука, опозицијата смета дека цел Западен Балкан ќе влезе на купче во ЕУ со политичка одлука, како што беше со претходните големи проширувања. Тоа нема да биде брзо и дотогаш, според нив, бадијала ќе бидат отстапки – вели тој.

НАРАТИВИТЕ НА ВМРО И ДУИ

Одговарајќи на прашањето дали застојот во интеграцискиот процес го зголемува национализмот, Стојановски посочува дека сведоци сме дека постои циклично засилување на тие националистички или популистички наративи.

Според него, ваков тип на наративи се хранат меѓусебно, како што така моментално се хранат наративите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, а најголеми жртви од тие наративи се СДСМ и албанската опозиција.

Кога тие наративи доминираат и силно удираат на емоциите и стравовите на луѓето, многу тешко може да наметнете и да продадете прагматична политика.

И мене цела цела оваа ситуација ме потсетува на 2006 година, кога Владо Бучковски водеше прагматична политика, владата на СДСМ обезбеди кандидатски статус и признавање од САД под уставно име, но сепак опозицијата победи и дојде на власт на бранот на незадоволството од територијалната реорганизација, која произлегуваше од Рамковниот договор.

Исто и сега не е доволно членството во НАТО, формалниот почеток на преговори со ЕУ, па и полурешен црковен спор ако сакате, туку се јава на бранот на отпорот кон уставните измени, односно на внесувањето на Бугарите во Преамбулата.

Имаме иста ситуација и на отклонување на дел од ткивото на СДСМ, тогаш беше Тито Петковски, сега е Димитриевски. И, исто така, тогаш ВМРО направи влада без ДУИ, со поразената ДПА, како што сега најверојатно ќе се бајпасира ДУИ, иако ќе излезе како победник во албанскиот блок – вели тој.

Покрај овие крупни теми поврзани со стратешките цели на земјата, тој вели дека не треба да се забораваат ниту другите приоритети, како борба против криминалот и корупцијата.

Како што рече, власта на СДСМ згрешила што се фрлила на картата на ЕУ, тврдејќи дека само ЕУ овоможува модел за трансформација на државата и економски прогрес, бидејќи очигледно дека граѓаните се заинтересирани за реформи во администрацијата, образованието, здравството…

Капак на се беа корупциските афери што излегуваа во јавност, а притоа владата и премиерот Димитар Ковачевски во однос на тоа имаа став – тоа не е наш проблем, ние водите влада, а за тоа има други независни органи кои треба да откриваат и гонат криминал, да носат пресуди. Тоа оттргнување од таа незгодна зона го платија со овој изборен резултат – вели тој.

СТАГНАЦИЈАТА НА ЛЕВИЦА

Во врска со Левица, Стојановски посочува дека ако партијата на парламентарните избори го повтори резултатот од претседателските избори, тоа ќе значи дека ќе стагнира, што, според него, може да се оцени како неуспех, имајќи во предвид дека проектираше многу повисоки очекувања.

Притоа, тој посочува дека има и субјективни и објективни причини за ваквото потфрлување на Левица.

Ако се вратиме наназад, Левица почна да расте како партија кога ВМРО отиде во опозиција и беше колеблива по многу прашања. Почнавме со темата за 27 април… Ќе се сетиме дека поранешниот лидер (Никола Груевски) прво ги нахушка граѓаните да упаднат во парламентот и истата вечер се огради од нив и го осуди чинот.

Потоа, и новото раководство имаше недефиниран став за референдумот за Преспанскиот договор, бидејќи не се изјаснуваа точно како ќе гласаат се до последниот ден. Тука, според мене, Левица почна да се крева со популистичка реторика и успеа да се факторзира со помош на контигенти на незаводовлно гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.

Што се случи во меѓувреме?

Резулататот од последните парламентарни избори покажа дека ВМРО-ДПМНЕ со тоа што малку балансираше во тој поглед не доби плус неопределени гласачи, а изгуби од поекстремното гласачко тело, составено од гласачи кои таа попустливост ја дефинираа како предаваство.

И со тие гласови Левица почна да се факторизира, иако не сакам да потценам дека многу млади луѓе веруваат во тие идеи, односно најчесто луѓе кои за првпат формираат политички идентитет и во Димитар Апасиев гледаат нешто ново и автентично. 

Кога после овие избори одлучи да настапува потврдо, што кулмунираше со отпорот кон уставните измени и „францускиот предлог“, ВМРО-ДПМНЕ почна да зема цврсти позиции во тој десен спектар, по што Левица беше во ситуација – земавме што земавме од десницата, сега е време да почнеме да кинеме од левицата.

И токму во тој момент се појави ЗНАМ на Димитриевски, кој привлече најголем број од незадоволните гласачи кои не гласаа за СДСМ, кои, по мое убедување, во голем дел ќе гласаа за Левица ако го немаше ЗНАМ. Значи, донекаде радикализирањето на ВМРО-ДПМНЕ и појавата на ЗНАМ го спречи подемот на Левица – вели тој.

Според него, за да преживее на среден рок оваа партија ќе мора да делува офанзивно од опозиција, очекувајќи дека паралелно со тоа ЗНАМ и другите конкуренти ќе се компромитираат и трошат во власта.

СДСМ Е ВО НЕЗАВИДНА СИТУАЦИЈА

Што се однесува до СДСМ, пак, Стојановски вели дека тоа што се случува во СДСМ или во било која партија е работа на членовите на таа партија, но интерес на граѓаните, државата и демократијата е да има конкуренција и баланс на политичката сцена.

Според него, СДСМ е во многу незавидна ситуација, можеби во најнезавидна во досегашната историја. Како што вели, партијата падна на историски минимум и падот ќе продолжи.

СДСМ е во перманентен пад од претседателските избори пред 5 години кога победи Стево Пендаровски. Тоа се случи на мускули, со една широка коалиција.

На сличен начин, со поголем коалициски капацитет, СДСМ освои 2 пратеници плус и направи влада по последните парламентарни избори, но кога ќе се види изборната мапа ќе се забележи дека речиси истиот резултат се повтори после и на локалните избори. Сепак, поради мнозинскиот систем ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи со најголем број на градоначалници, иако и тогаш освоија повеќе отколку што очекуваа, како и сега – вели тој.

Стојановски истакнува дека во политиката не се толку битни бројките номинално, туку тенденциите.

-СДСМ е во постојан пад кој е подраматичен од растот на ВМРО-ДПМНЕ, кој сепак е континуиран. И тие две линии вкрстија и многу се разминаа и дојде до овој резултат. И мислам дека тие трендови ќе продолжат и нема дилеми дека СДСМ ќе помине лошо на парламентарните избори. Нивната борба е борба за што подостоинствен пораз и веќе треба да мислат како да се прегрупираат.

Таму дефинитивно ќе се развиваат одредени внатрешни процеси. Не знаеме дали актуелното раководство, кое практично стана раководство додека паритјата е на власт, а такви промени ретко се случуваат во партија на власт, обично тоа се прави по транзицијата во опозиција… Сега треба да видиме дали раководството ќе се обиде да остане или ќе се повлече. Ако се повлече ќе отвори простор за внатрешен натпревар кој мислам дека ќе се случи и треба да се случи. 

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ често внатрешните разлики ги игнорира и прави компромиси, тоа го објаснува со деморкатска свест и дебата. Но, мислам внатрешните конфликти треба да се случат и изострат, и победничкиот концепт да добие шанса да се тестира.

Само од опозиција партијата ќе може да почне да се крева, бидејќи времето покажа дека колку подолго ги одложуваше изборите всушност се повеќе го продлабочуваше падот. За нив ќе биде најздраво во опозиција да се прегрупираат, реорганизираат, но и идеолошки да се реставрираат.

Од друга страна, ќе имаат конкуренција од ЗНАМ, која директно зема гласачи од СДСМ, што го дуплира негативниот ефект за СДСМ.

Притоа, ќе го има и ВМРО-ДПМНЕ во полна кондиција, па може да се случи ВМРО-ДПМНЕ да стане апсолутно доминантна ако СДСМ не успее да врати, нешто слично како Александар Вучиќ во Србија, што сметам дека ист процес ќе развие и во албанскиот блок, каде исто така ќе се издвои една доминантна структура – вели тој, додавајќи дека тоа би било лошо сценарио за Македонија.

Поврзани новости