Откако пред некој ден син на пратеник од ДУИ, сопственик на Пуцко петрол како мерка доби домашен притвор за случај во којшто се сомничи за криминал тежок за 167 милиони евра за набавка на канцероген мазут за ТЕЦ Неготино, јавноста има право да знае дека стекнувањето, поточно зголемувањето на имотот на сопственикот на Пуцко петрол се случува благодарение на СДС и ДУИ, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Оваа постапка следеше откако врз основа на информации во јавноста, Антикорупциската комисија отвори постапка, а потоа и покрена иницијатива за кривично гонење. Според јавно достапни информации компанијата Пуцко петрол со години наназад набавува различни производи како мазут, нафта, за многу градинки, училишта, болници, како и за различни државни институции.
Најголемиот скок на имотот на Пуцко петрол е во период на владеење на Зоран Заев, со влада во која министер за здравство е Венко Филипче. Или, тоа е влада на ДУИ со малцински партнер СДС. Токму во тој период, според јавно достапни информации, Пуцко петрол во 2021 година имала вкупни приходи од 48 милиони и 133 илјади евра, што е за 40 проценти повеќе во однос на 2020 година“ рече Стојаноски.
Според него, овој процес започнува во 2018 година или по неполна година од заедничкото владеење на СДСМ и ДУИ.
„Па така само за еден месец, поточно декември 2018 година, Пуцко петрол добива тендери во вредност од околу 3,2 милиони евра, од кои 2,8 милиони евра е оној за Македонски железници транспорт, претпријатие коешто важи за најдолжно и кое едвај заживува.
Ако само за еден месец во периодот на владеење на Заев и Филипче, Пуцко петрол добива тендери поголеми од три милиони евра можете да замислите колку добивала за една година. И кога на сето ова ќе го додадете податокот дека вредноста на компанијата се зголемува 40 проценти повеќе во 2021 од 2020 година логичен е заклучокот дека компанијата од Пласница добивала работа од најголем дел државни органи со кои раководеле кадри на ДУИ, а одлично и одела соработката и со институциите кои биле под водство на СДС.
Поради ваквото владеење на Заев заедно со Филипче излегуваат на виделина огромни последици по државниот буџет и парите на граѓаните. Дојде време да се одговара за вакви бизниси на грбот на народот“ порача Стојаноски.