(Видео) Спасовски од Брисел: Македонија е подготвена и способна да го обезбеди своето место во ЕУ

by Fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на Меѓународната конференција за глобален сојуз за борба против криумчарење мигранти во Европската Комисија во Брисел и се обрати на македонски јазик.

Тој се осврна на резултатот од партнерската дискусија на рамноправни основи, во која сите се повикани да се потпрат едни на други – заедничкиот Повик за акција на засилена соработка помеѓу сите партнери.

„Прва причина за тоа е што справувањето со шверцот на мигранти по клучните рути и чувањето на надворешните граници како врвен приоритет претставува ништо помалку од – заеднички предизвик. Второ, затоа што решавањето на овој предизвик ќе биде можно само со заеднички напор, колективна акција и продлабочена взаемна соработка на меѓународно рамниште. И трето, затоа што сето ова говори дека не може да зборуваме за стабилна и безбедна Европа, за сигурни европски граници, без стабилна и безбедна Северна Македонија, без силно гранично управување. Конечно, оваа Глобална алијанса е уште една потврда дека цврстата порта на нашата земја ја гарантира безбедноста на европските граници, а спречувањето на прекуграничниот криминал кај нас, ветува безбедност на европскиот граѓанин. Тоа е спрегата која означува дека сме ја поминале критичната точка за приближување кон ЕУ”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека политиките коишто се спроведоа на дело во изминатиот период, поради кои годинава се обезбеди намалување на обидите за илегални преминувања за 50% во однос на лани, покажаа дека Република Северна Македонија е подготвена и способна да го обезбеди своето место во Европската Унија.

Тој нагласи дека македонските граѓани природно припаѓаат кон европското семејство, дека ги заслужуваат европските вредности и тежнеат кон избраната перспектива за еднакви можности, за владеење на правото, слобода, пазарна економија, грижа на државата за секој граѓанин, за живот во стабилно општество во кое правилата и правата се константа како и за нивните идни сограѓани во ЕУ.

Поврзани новости