(Видео) Спасовски: Доверената организација на Самитот на ОБСЕ претставува признание за нас

by Fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Kosovo-online.com истакна дека степенот на безбедност во Скопје, за денешниот Самит на ОБСЕ е подигнат на високо ниво, сите капацитети на МВР се ставени на располагање и со тоа се ќе помине во најдобар можен ред.

Спасовски подвлече дека Mинистерскиот совет на ОБСЕ е голем и комплексен настан, а доверената организација претставува признание за Република Северна Македонија, за сѐ што е сработено во изминатата година за време на претседавањето на Скопје со неа, заради што и бара голем ангажман и посветеност.

„Македонија на најдобар можен начин пристапи кон решавањето на споровите со Грција и Бугарија, постигнавме договор за признавање на Македонската православна црква. Сето тоа покажува дека постои високо ниво на кредибилитет, висок степен на демократски вредности кои се присутни во Северна Македонија и Самитот на ОБСЕ претставува дополнително признание за нас. Македонија за време на овие 12 месеци, но и откако постои како независната држава, покажа дека преку дијалог можат да се постигнат резултати“, потенцираше министерот Спасовски.

Зборувајќи за ОБСЕ, Спасовски потсети дека тоа е голема организација, која опфаќа голем број земји, не само европски, туку и од американскиот и азискиот континент и која по својата функција претставува своевидна врска за зачувување на безбедноста и соработката во Европа и остатокот од светот и очекува настанот да помине во најдобар можен ред.

„Верувам дека сите очекувања кои се изнесени пред нас ќе бидат исполнети и на крај ќе имаме заклучок кој уште еднаш ќе ја покаже моќта на Северна Македонија. Во тоа лежи вредноста на организацијата – да се помогне и придонесе кон стабилност и соработка помеѓу државите, да се спречат одредени конфликти, да се помогне во нивно решавање и во постконфликтни ситуации. Сведоци сме на сериозни геостратешки промени, имаме војна во Европа, за која никој не може да претпостави како ќе се заврши, имаме војна во Газа. Сето тоа мора да биде проследено со една силна порака за мир од овој настан“, истакна министерот Спасовски.

На прашањето кои мерки се преземени во обезбедувањето на учесниците на настанот Спасовски објасни дека безбедноста е подигната на трето ниво.

„Околу 70 делегации најавија присуство, вкупно околу 1000 луѓе ќе учествуваат на Самитот, а шефови на делегациите се најчесто министри за надворешни работи. Степенот на безбедност е подигната на високо ниво“, напомена Спасовски.

Спасовски објасни дека македонското МВР ги стави на располагање сите свои капацитети, вклучувајќи ја и униформираната полиција, Одделот за заштита на определени лица и објекти, Одделот за специјални полициски операции, Одделот за воздухопловни единици, тим на СВР Скопје, на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал…

„Широк е спектарот на полициски службеници кои се задолжени за безбедноста на учесниците, но најважно е сѐ да помине на најдобар можен начин, да се зачува јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија“, истакна министерот Спасовски во интервјуто дадено за Kosovo-online.com.

Поврзани новости