Eвропскиот пат на регионот на Западен Балкан без сомнение е високо на агендата на секој од нас, бидејќи граѓаните тежнеат да живеат во земји што се просперитетни, каде владеењето на правото е силно и корупцијата е искоренета, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој присуствуваше и се обрати на Шестта пленарна сесија на Национална конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина”.
„Токму владеењето на правото е еден од клучните сегменти кои гарантираат интеграција во Европската Унија, па во таа насока Министерството за внатрешни работи изминативе 20 години спроведе низа реформски процеси, поддржани од нашите партнери во ЕУ. Заеднички работиме кон постигнување на зацртаните цели во областа на владеењето на правото преку зајакната борба против организираниот криминал и корупцијата. Свесни дека за крупни реформи кои нашата земја ја придвижуваат напред, потребен е ангажман на сите, токму на овој начин, секој од чинителите во процесот реформата ја чувствува како своја и со сите сили настојува да ја реализира”, рече Спасовски, изразувајќи ја гордоста за постигнатото во однос на реформите на безбедносните и разузнавачките служби.
Притоа, тој ја истакна успешноста во справувањето со илегална мигирација.
„Успешно се справивме и со предизвикот кој го наметна масовниот прилив на мигранти. Би сакал да нагласам дека од денешна перспектива акцентот го ставам на спроведувањето на енергични акции за сузбивање на мрежите на криминалци кои се дел од криумчарењето мигранти. Присутни сме во регионот, присутни сме во Европа, сите чинители обединето за една заедничка цел- елиминација на криминалот поврзан со криумчарењето на луѓе. Оваа појава сериозно наметнува безбедносни ризици, како за Западен Балкан, така и за целиот европски континент. Оттаму, многу голем дел од влоговите во усовршувањето на човечките и материјалните капацитети на министерствата беа насочени кон справување со овој организиран криминал”, рече Спасовски, споменувајќи го Договорот со ФРОНТЕКС кој е во сила веќе осум месеци и кој овозможува конкретна поддршка на терен за зачувување на безбедноста на границите.
Воедно, тој потенцираше дека високо на агендата е елиминирањето на хибридните закани, тероризмот, борбата против организираниот криминал и корупцијата.