Националниот парк Шар Планина денес објави видео како спасуваат мечка заглавена во сајла на бачило во село Бозовце по дојава на жител од селото. Акцијата за ослободување на заглавената мечка ја водат заедно со вработени од Зоолошката градина во Скопје и полицијата.
„По дојава на локален жител од село Бозовце дека во неговото бачило е заглавена мечка, Ј.У.Н.П. Шар Планина заедно со стручни лица од Јавната Установа Зоолошка градина на град Скопје организираа акција за ослободување на животното. Возрасниот мажјак кој беше заглавен во сајла околу 10 часа, беше изморен и исплашен, а по три часа работа беше успешно ослободен“, стои во објавата на Националниот парк Шар Планина.
Тие прво го заспиваат исплашеното животно, кое е и агресвно, го ослободуваат од сајлата, а потоа чекаат да се разбуди за да го вратат во шумата.
Од Националниот парк објаснуваат дека мечките се строго заштитени жители на Шар Планина, а локалното население од планинските села живее во соживот со природата.
„Упатуваме благодарност до сопственикот на бачилото кој го пријави настанот за да се ослободи мечката.
Благодарност и до полициските службеници кои го обезбедуваа теренот, како и до сите други надлежни институции со кои се координираше акцијата“, стои во објавата на НП Шар Планина.