(Видео) Советниците од СДСМ Неготино гласаат против предлогот за поништување на одлуката за продажба на депонијата

by fokus

На страницата на здружението на граѓани Ековита од Неготино, денес е споделено видео од последната, 33-та седница на Советот на Општина Неготино, на кое се гледа како советниците од СДСМ гласаат против предлогот на здружението за поништување на одлуката за изградба на депонија за индустриски инертен отпад.

Сите осум советници од СДСМ и коалицијата се изјаснија против предлогот на Ековита, и покрај тоа што градот сложно, како никогаш порано го крена својот глас и порача дека не дозволува да се гради депонија.

Видеото на следниот линк: https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=752089885289071&id=100014641994550

Објавата на видеото уште повеќе го зголеми револтот на неготинчани, кои и денес ги даваат своите потписи против депонијата, на третиот кат во општинската зграда.
Низ градот на повеќе локации, голем број на граѓански активисти делат летоци и им појаснуваат на минувачите детали за најавениот проект.

Градоначалникот Тони Делков пред неколку дена изјави дека одлучил како депонија нема да се гради, а истото вчера за ,,Фокус” го потврди и претседателот на Советот Диме Витанов.

Според неговите зборови, градоначалникот имал право сам да ја распише продажбата на земјиштето за депонија, и исто така имал право сам да ја запре, иако правни лица запознати со случајот сметаат дека одлуката за продажба на депонијата може да ја поништи Советот, со гласање на советниците.

Делков пак, денес во изјава за МИА вели дека Општина Неготино со одлука ја поништила постапката за продажба на земјиштето за изградба на депонија, повторно потенцирајќи дека одредени структури во градот со целата работа околу депонијата воделе политичка кампања.

Но, по објавата на видеото на кое се гледа како советниците од СДСМ гласаа против предлогот за поништување на одлуката за продажба, граѓаните коментираат дека продолжуваат со собирањето на потписите бидејќи никому не веруваат и како референдумот може да го спаси градот.

-Слободно објавете го видеото каде се гледа како гласаа дел од советниците, нека знае јавноста. Апелираме граѓаните да излезат и да го дадат својот потпис против депонијата, веќе се собрани над 2.500 потписи, градот никогаш не бил повеќе сплотен. Нема место за политика овде, партиите можат да си прават што сакаат, ние разумните граѓани се бориме за здравјето и за животната средина!– ни изјавија активисти од Ековита.

Собирањето на потписите ќе трае до 17-ти јануари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости