Руската воздушна одбрана собори два борбени беспилотни летала кои се движеа кон Москва, соопшти утринава градоначалникот Сергеј Собјанин.
„Потврден е обидот на две борбени беспилотни летала да упаднат во градот. Двата беа соборени од воздушна одбрана. Едниот во близина на Домодедово на југот од Москва, другиот во близина на автопатот за Минск, на запад од Москва, напиша Собјанин на „Телеграм“, без да прецизира кој е одговорен за нападот.
Руското Министерство за одбрана објави и дека „во текот на ноќта е спречен обид на режимот во Киев да изврши терористички напад со беспилотни летала над територијата на Московската област“, пренесува ТАСС.
Министерството соопшти дека овој „обид за терористички напад“ не довел до жртви или материјална штета.
Рускиот канал „Телеграм“ „Шот“ објави видео на кое се гледа уништување на беспилотно летало во близина на автопатот кон Минск кај Москва, објави „Украинска правда“. „Шот“ наведе дека два борбени беспилотни летала влегле во исто време во московската област од два правци – југозапад и југ.
„Првиот го собори системот за противвоздушна одбрана во областа Одинцово во близина на автопатот кон Минск, а вториот во близина на Домодедово. Растојанието меѓу точките на уништување на беспилотните летала е околу 55 километри во права линија. Разликата во времето помеѓу соборувањето на беспилотните летала траеше 16 минути“, објави „Шот“.
Подоцна руското Министерство за одбрана соопшти дека два беспилотни летала се обиделе да нападнат цели во московскиот регион, но наводно биле соборени од систем за противвоздушна одбрана, пишува „Украинска Правда“.
Фото:ТАСС