Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов објави видео на кое може да се види теренско возило на „Национални шуми“, кое како што вели е старо 38 години и дека може повеќе да се користи како олдтајмер отколку како возило кое учествува во гаснење пожар.
„Движејќи се по патот низ Серта налетав на екипа на „Национални шуми“ која од Демир Капија до Серта дошла со теренско возило старо 38 години“ вели Ангелов.
Раководителот на „Национални шуми“ од Демир Капија, Слободан Чапов вели дека и покрај тоа што не зеле плата од мај и работат со застарена опрема, тие сепак се на терен 11 дена и имаат желба да помогнат во гаснењето на пожарите.
Ангелов нагласи дека во 21 век не треба да се работи со вака стари возила и опрема. Тој рече дека се надева оти новата Влада ќе ги реши овие проблеми со кои се соочуваат противпожарните единици во Македонија.