Видео снимките од првичните признанија на обвинетите за убиствата на Вања и Панче ќе се гледаат во судница

by fokus

Влатко Кешишов, еден од обвинетите за смртта на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, по трет пат се премислува и го менува својот исказ за тоа што се случило на 22 и 27 ноември кога биле убиени жртвите.

Првиот пат, за време на истрагата, во Обвинителството Кешишов дава признание, ги открива местата каде што биле закопани убиените, а за извршител го посочува Љупчо Палевски Палчо. Вториот пат, кога на првото судско рочиште беше прашан дали е виновен, рече дека не е виновен, а сега трет пат, во понеделникот доставил писмена изјава до судијата со која го менува тврдењето дека првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо пукал кон жртвите. Му дава алиби и вели дека на двата критични датуми Палевски бил во штабот на ,,Десна”.
Допрва пак, на некое од следните рочишта, ќе следи испитување на обвинетиот, кој ќе треба да појасни што точно се случило.

За време на истрагата, а веднаш по апсењето, покрај Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски, исто така го признаваат делото и споделуваат детали со истражните органи, но подоцна негираа вмешаност.
Каратистот Видевски прв се премислува, и при вториот исказ кој го дава кај обвинителката, го повлекува кажаното. Истото го прават и останатите двајца во судница.

Но, колку и да сакаат, не можат со гума да го избришат кажаното. Самите ги открија местата каде што беа закопани двете тела, или, поинаку кажано, без нив полицијата можеби никогаш немаше да открие каде се скриени жртвите. Опишале кој ја врзал Вања, кој ја ставил во вреќа за спиење, кој ѝ ги врзал рацете и нозете, кој безмилосно ја убил, а потоа ја зел вреќата за спиење во која била ликвидирана. Тие го посочија Палевски како директен егзекутор.

Ова нивно прво сведочење е снимено и е дадено во присуство на адвокат. Како што дознаваме, обвинителството ќе го искористи законското право да ги соочи обвинетите со исказите со кои даваат признание. Ова значи дека видео снимките од нивните први сведочења ќе бидат објавени во судница.

„Доколку на главната расправа обвинетиот не даде исказ или даде поинаков исказ за одделни факти или околности, јавниот обвинител може да бара да се прочита или репродуцира исказот на обвинетиот даден претходно во постапката“, предвидува член 391 од ЗКП.

При одлучувањето на судечкиот совет, во кој исказ Кешишов ја зборува вистината ќе имаат влијание и другите докази и сведочења. Според дел од сведоците, тој се плашел од Палевски и имал поданички однос.

Во оваа насока беше и сведочењето на Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал во СВР Скопје.

-Постојано правевме разговори со Кешишов. Ноќта, му дадовме цигара, вода. Му велиме, кажи што се случило. Тој пак повторуваше:,,Јас не сум човек”. Кажа лош израз за себе, бидејќи, како што рече и тој бил учесник. Се кршеше човекот. Уште не кажуваше, но зборуваше за некое место кај што одел со Палчо, во Бразда, сакал да гради нешто. Не однесе таму и му рековме кажи зошто дојдовме. Пак не носеше некаде, а колега ми кажа дека не носи на местото каде што е запален ,,цитроенот”. Му велевме да каже што понатака. Цело време му велел на колегата дека се плаши дека Палчо ќе го убие, имал многу луѓе во полиција. Тогаш ни рече ќе не носи кон ридот. Бараме нешто, некој леш, ама не знаев што бараме. По половина час, повторно му велевме да каже што и каде да бараме. Покажуваше со главата, не покажуваше со рака. Не зборува, пак покажува со главата. Покажуваше кон перници, мушама, ги тргнавме и видовме земја. Почнавме да копаме и осетивме дека е ровка земјата и дека пропаѓа. Кешишов не сакаше ниту да гледа, се сврте со грбот. Дојде колегата и ни кажа дека Кешишов му рекол дека тука е маленкото, девојчето Вања. Го викнавме да копа и тој со нас. Дојде зема стап и копаше. Потоа пак се помести. Кога дојдовме до телото шок, солзи ни дојдоа на очи, сведочеше началникот.

Тој додаде дека Кешишов рекол дека работеле по насоките на Палчо, се било во главата на Палевски.

За овие грозоморни убиства обвинителството ги обвинува Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Валентина Вурмо

Поврзани новости