(Видео) Скопјани како сардини во градските автобуси: Вози, додека не се дупне гумата!

by Fokus

Сликите кои денес доаѓаат од метрополата, уште еднаш потврдуваат дека проблемот со јавниот градски превоз е нешто со кое надлежните подолг период немаат капацитет да се справат.

Поради долг кон фирмата која добавува нафта за градските автобуси, Пуцко Петрол, од пладнево се исклучени повеќе линии од сообраќај, а нервозни граѓани реагираат дека освен што со часови се чекало за автобус, оние автобуси кои дошле, биле пренатрупани со патници, со што им се загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот, и никој не контролирал колку лица влегувале во автобусите.

-Пред неколку минути се симнавме од градски автобус, едвај. Значи, едвај влеговме, едвај излеговме. Никој не води грижа за пренатрупаност, за тоа колку патници можат да влезат, не се води грижа за безбедноста.

Како сардини, а не граѓани на главен град на една држава! Го прашуваме возачот, што се случува денес, тој ни кажува дека 60 линии не се вклучени, бидејќи нема нафта!

Им кажал вчера на надлежните дека гумата не му е во добра состојба, му треба нова, му одговориле – Вози додека не се дупне!
И ние, патниците, го слушаме сето тоа, набуткани еден до друг, и само се молиме живи и здрави да излеземе од автобусот, раскажуваат патници за ,,Фокус”.

Додаваат дека на патниците во пренатрупаните автобуси им е неудобно, си дишат во врат, а дополнително стравуваат од џепни кражби кои најчесто се случуваат кога има големи турканици.

-Не само страв од нагло кочење, во една ваква атмосфера, туку тука е и стравот од кражби, па и од манијаци кои едвај чекаат вакви ,,тесни” ситуации. Имаме пензионери, имаме студенти од други градови на кои градските автобуси им се единствена опција за превоз. Ќе има ли решение за јавниот превоз и кога? – прашуваат граѓаните.

По повод настанатата ситуација со автобусите, од Град Скопје се огласија и вината ја префрлија на Христијан Мицкоски и ВМРО.

-Од моментот кога Мицкоски отпочна да преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, кое како и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, се дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за скопјани, отпочна и голготата на претпријатието. Во исто време почнаа и шпекулации за урнисување на ЈСП поради можно сценарио за негова приватизација, истакнаа Град Скопје.

Нема информација кога ќе се стабилизира состојбата.

Поврзани новости