По соборувањето на Асад, бунтовниците објавија соопштение со кое прогласија празник, велејќи дека сакаат демократија.
„Сириската национална коалиција му го честита на големиот сириски народ, на сите негови синови и ќерки, ослободувањето на Сирија од криминалниот режим на Асад, по 14 години мирна и вооружена борба, од крици и куршуми, за слобода, достоинство, демократија, правда и безбеден и пристоен живот.
Коалицијата го прогласува 8 декември 2024 година за национален празник на Сирија бидејќи е ден на победата на мачениците и жртвите, ден на победата на затворениците, прогонетите и угнетените, ден на победата на вистината и правдата над криминалот и неправдата.
Големата сириска револуција ја скрши децениската тиранија и угнетување, раѓајќи нова Сирија. Денес, таа премина од борбата за соборување на режимот на Асад во борбата за изградба на Сирија која ќе ги почитува жртвите на својот народ“, се вели во соопштението.
По објавата на сириските бунтовници дека го ослободиле Дамаск, на социјалните мрежи се појави видео на кое сирискиот премиер Мохамед Гази ал Џалали ја напушта својата резиденција во придружба на вооружени лица.
Видеоснимката покажува како телефонирајќи, тој се симнува по скалите на објектот, опкружен од вооружени мажи кои го придружуваат додека влегува во црн џип.
Наводно, премиерот на Сирија се упатува кон хотел во Дамаск за да се сретне со водачите на бунтовниците и да им ги предаде владините овластувања.
На видеоснимката, како што објави Си-ен-ен, се слуша како сирискиот премиер вели дека сака да обезбеди континуирана работа на јавните институции, да ги заштити државните објекти и да ја одржи безбедноста за сите граѓани во ова време на транзиција на власта.
A video captured outside the Syrian Prime Minister’s residence shows rebel forces escorting Mohamad Al Jalali to a meeting with their leaders at the Four Seasons Hotel pic.twitter.com/WkT2IZAJLi
— The National (@TheNationalNews) December 8, 2024