Попладнево Крушево беше погодено од силно невреме проследено со пороен дожд и град.
Обилните врнежи кои траеја 40-тина минути им уништија сè на крушевските земјоделци, кои имаат свои ниви во околината на Бушева планина.
Целиот труд и маката на земјоделците исчезна за нешто повеќе од 30 минути, а тие прашуваат дали државата ќе им излезе во пресрет од големата штета која им се направи.
„Над 90 отсто од тутунот ни е уништен. Нивите сега ќе треба да се изораат. Но, од што ние ќе живееме? Дали има некој сега да ни подаде рака, дали државата ќе ни помогне“, прашуваат одгледувачите на тутун.
Првиот човек на Општина Крушево, градоначалникот Томе Христоски ги повика најпогодените граѓани да ги пријават случаите.
„Денес големо невреме од дожд и град го зафати Крушево и крушевско, да се надеваме и молиме на минимални штети во обработливите земјоделски површини и домовите на нашите сограѓани зафатени од ова невреме. Општина Крушево заедно со ЈП Комуна ги следат новонастанатите состојби на терен, заради преземање на итни мерки и помош кон евентуално најпогодените и најзагрозените граѓани од нашата општина.
Пријавете ги случаите. Да си помогнеме сите кога ни е најпотребно!“, порача Христоски.
Сега се на потег надлежните институции – дали ќе им излезат во пресрет на погодените граѓани во крушевскиот регион.
Јорданчо Цветаноски