(ВИДЕО) Што зборуваше Мицкоски пред пет години за лидерот на ДУИ: Господинот Али Ахмети е искусен и мудар политичар

by Fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски последната година редовно „пука“ против првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, упатувајќи на негова адреса плејада критики за неговото работење, но и за начинот на кој функционира партијата, тврдејќи дека дека ќе ја заврши кариерата како обичен криминалец,

Мицкоски смета дека Ахмети во криминал го вплеткува и семејството, а често го споменува и случајот со купувањето на „Соравија“ од Дрин Ахмети, внук од брат на Али.

„Тој човек, кој себеси се претставуваше како борец за човекови права пред 20 години, изгледа раководен од неколкумина околу него, ќе заврши како човек длабоко вплеткан во криминал, но, за жал, го вплеткува и сопственото семејство. Тоа не е добро.

 

Би го советувал тие малкумина советници околу него, кои на овој начин го советуваат да испраќа пораки во јавноста, да им ги промени позициите или да престане на овој начин да го вплеткува семејството. Имаше шанса голема, но како што одминува времето, тој не само што ја пропушта таа шанса, туку е и пред сопствениот политички крај како обичен криминалец“, посочи Мицкоски.

Тоа се секојдневните коментари упатени против Ахмети од страна на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој пак пред пет години имал целосно спротивен став за првиот човек на „интегративците“.

Низ архивите се уште може да се најдат интервјуа на Мицкоски, во кои го „величи“ ликот и делото на Ахмети. Тоа може да се види и во едно од дадените интервјуа на Канал 5, во емисијата „Само Вистина“ во 2018 година.

„Господинот Али Ахмети е искусен, мудар политичар, се разбира. Јас како помлад можеби и ќе научам или ќе извлечам некоја позитивна специфика од тој разговор кој што ќе го имаме. Апсолутно го ценам и како политичар и како човек.

 

Знам дека од тој наш состанок само можеме да извлечеме и двајцата позитивен бенефит и за нашите партии, но и за Република Македонија. Ќе разговараме претпоставувам на неколку теми, можеби една од тие теми ќе биде токму и Законот за јазици. Ќе разговараме за актуелната економска, но и политичка состојба, бидејќи економската е катастрофална, да видиме политичката како е.

 

Така што се надевам дека ќе имаме еден многу конструктивен и содржаен разговор на двајца пријатели кои почнуваат да се запознаваат. Се надевам дека ова ќе ни прерасне во пракса и во иднина ќе имаме почести состаноци“, тврдеше пред пет години Мицкоски.

Поврзани новости