(ВИДЕО) Што говореше Михајлов за Македонија пред неговата смрт?

by Фокус

Иван Ванчо Михајлов, контроверзниот водач на историското ВМРО, повторно почна да ја бранува домашната јавност, откако во Битола викендов беше отворен културен клуб што го носи неговиот назив.

Тој се школувал во Штип, Солун и Скопје, а по Првата светска војна студирал право на Софискиот универзитет и бил еден од основачите и прв претседател на студентското друштво „Вардар“.

По пристапувањето во ВМРО, Михајлов му бил секретар на Тодор Александров, додека по убиството на Александров бил член на ЦК на ВМРО (1925), реизбран и по убиството на Александар Протогеров (1928).

До 1928 година бил одговорен за снабдување на Организацијата со муниција, а од оваа година ВМРО никогаш не одржало официјален конгрес на кој тој поднел извештај за неговата работа.

Во времето на неговото раководење со ВМРО, во Пиринскиот дел на Македонија воспоставил, со согласност од бугарската држава, паралелна полуофицијална власт, претворајќи го во своја воена и финансиска база.

Тој применил нова стратегија во борбата на ВМРО преку изведување терористички акции и атентати со таканаречени тројки.

Тој отворено соработувал со нацифашистичките режими, но пред Втората светска војна заминува во Турција, па преку Полска и други држави завршува во Италија, каде долги години живее и умира.

Непосредно пред неговата смрт, тој го дава единственото телевизиско интервју, каде отворено ги изнесува неговите гледишта за Македонија.

-Преверете во архивите на Цариград, во секое село, за градовите да не зборувам, имало Бугари. На Турците на крај на памет не им било да измислуваат македонска нација. Ако некој не е силен по нациинален дух, добро, може и „циганин“ да каже дека е – вели Михајлов.

Тој посочува дека главната христијанска сила против Турците во Македонија била бугарска. Во однос на прашањето за што чувствува најголема вина, тој вели:

„Најмногу виновен се чувствувам што ништо посебно не можев да направам за Македонија, за поробените… Сите кои не успеавме да и ја осигураме на Македонија бугарштината имаме некаква вина… Во Македонија, бугарштината не царува… Бугарија 3 војни водеше и до таму дојдоа работите за сега ти да не можеш во Скопје слободно да кажеш дека си Бугар… За мене нема разлика меѓу Бугарија и Македонија, за мене целото е Бугарија…“.

Поврзани новости