Ленд артот „Езеро или пластика“ посветен на загадувањето со пластични флаши на езерото е изработен на брегот на Дебарското езеро.
Секоја година помеѓу 40 и 60 илјади пластични шишиња се слеваат во водите на Дебарското езеро. Овој проблем секогаш е актуелен на почетокот на пролетта, кога високите водостои на реките и потоците во Дебарско-реканскиот регион носат огромни количини пластичен отпад во езерскиот басен. Интервенцијата се наоѓа на брегот на Дебарското езеро во близина на селото Косоврасти. Ленд артот е со димензија 8х3 метри и е изработен од камен и мешани материјали.
Идејата на овој ленд арт е да укаже на потребата од регулирање на собирањето отпад и намалувањето на езерото кое иако има квалитетна вода сепак е преполно со механички отпад каде доминираат пластичните шишиња и останатиот пловечки пластичен отпад.
Ленд артот е дело на ликовниот уметник Адем Сулејманоски и е дел од серијата ленд артови со еколошка тематика кои авторот ќе ги работи оваа пролет во рамки на проектот „Лeнд арт и креативни акции врз оштетена инфраструктура“, кој е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество- Македонија.