Седум активни пожари денеска се гаснат од пожарникари на локални Територијални противпожарни единици, вработени во „Национални шуми“, со хеликоптреи и со „ертрактори“, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Најсериозен и најтежок за гаснење, вели дирекорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, е оној на територијата на Општина Македонски Брод, кој се движи кон ловиштето „Јасен“.
Во гаснењето на пожарот во кој гори борова шума, Ангелов вели дека веќе се дејствува со еден полициски хеликоптер на кој ќе му се придружат и два „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Другите пожари, вели Ангелов, се во Општина Пласница, каде што гори мешана шума, во Општина Долнени два пожари се на две локации, и тоа во атарот на селата Небрегово и Гостиржани, два пожари се во Општина Чашка и тоа еден кај селата Габровник и Мокрени и друг кај селото Ореше.
Седмиот активен пожар денеска, а кој е од вчера попладне, додава Ангелов, е во Гостивар кај селото Беловиште, каде што дејствуваат претставници на „Национални шуми“, локални пожарникари, а гори мешана шума.
Ангелов рече дека успешно се справуваат со пожарите, а од помош би биле врнежите што се најавуваат за денешниот ден.
„За денеска се најавуваат врнежи кои, ако паднат, ќе ја стабилизираат состојбата, но ние активно гаснеме во текот на денот, не чекаме да заврне, па ако пожарите почнат повторно да дивеат, а ресурсите не се доволни, има начин како многу брзо да пристигне помош од странство“,
рече Ангелов.
Дождот што околу 13 часот заврна и се уште врне над Богомила и останатите села во реонот на општина Чашка ги гасне големите шумски пожари и жаришта кои се активни во овој реон на планината Биса.
Дождот помага во гаснењето на повеќедневниот голем шумски пожар помеѓу селата Габровник и Мокрени каде веќе една недела гореше мешана шума, кај село Ореше кој избувна денеска односно се префрли од село Гостиражни, прилепско.