Се запалил млазен мотор на авион на Американ ерлајнс, принудувајќи го леталото итно да слета во Денвер, а патниците да се евакуираат користејќи тобогани, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА).
Авиокомпанијата потврди дека сите 172 патници и шесте членови на екипажот можеле безбедно да го напуштат авионот, а шест патници потоа биле пренесени во локална болница за дополнителни прегледи.
Летот 1006 на Американ Ерлајнс од Колорадо Спрингс до Далас, кој превезувал патници на Боинг 737-800, слетал во Денвер откако екипажот се пожалил на вибрации на моторот, соопшти ФАА. На социјалните мрежи е објавена драматична снимка од патници кои стојат на крилото на авионот и чекаат да бидат евакуирани додека густ чад излегува од моторот.
American Airlines flight 4012 caught fire after an engine failed…. Plane was diverted to Denver.
My mom was on this flight. THANK YOU GOD that they are alive. pic.twitter.com/4wBsFlj4TU
— Alexandria Cullen (@AlexandriaCTV) March 14, 2025
Американ ерлајнс соопшти дека авионот слетал безбедно и пристигнал на аеродромот, но потоа доживеал „проблем поврзан со моторот“. Според сајтот за следење летови FlightRadar24, 13-годишниот авион бил опремен со два мотори CFM56, произведени во соработка помеѓу GE и Safran.
ФАА најави истрага за инцидентот. Портпаролот на меѓународниот аеродром во Денвер потврди дека пожарот е изгаснат и дека летовите продолжиле без прекин. Боинг одби да го коментира инцидентот и ги префрли сите прашања до Американ ерлајнс и истражителите. GE сè уште не одговорил на барањето за коментар.
Овој инцидент е само еден во низата неодамнешни проблеми во американската воздухопловна индустрија кои ја доведоа во прашање безбедноста на воздушниот сообраќај. Меѓу нив е и судирот на регионалниот авион на Американ ерлајнс со воен хеликоптер на 29 јануари, при што загинаа 67 лица.
Минатиот месец регионален авион на „Делта ерлајнс“ се преврте на покривот при слетување на аеродромот во Торонто под силни ветришта по снежна бура, при што беа повредени 18 од 80 патници, но сите преживеаја.
Извршниот директор на „Американ ерлајнс“, Роберт Исом и извршниот директор на „Делта ерлајнс“, Ед Бастијан во вторникот изјавија дека неодамнешните авионски инциденти, заедно со тешките временски услови и економската несигурност, негативно влијаеле на побарувачката за патувања во Соединетите држави.