(Видео) Се уште трае борбата за живот за лавицата најдена на пат кај Суботица

by Fokus

Малата лавица која беше примена во четвртокот е во критична состојба. Таа е дехидрирана, слаба и изнемоштена, а борбата за нејзиниот живот продолжува, објави Зоолошката градина Палиќ. Лавицата беше најдена минатата недела покрај патот во близина на Суботица во соседна Србија.

Како што соопшти Зоолошката градина Палиќ, веднаш по приемот на лавицата, виделе дека нејзината крвна слика е лоша, дека има воспаление во телото, дека е анемична и полна со паразити. Имала заразена рана под опашот. По прегледот добила ветеринарна терапија.

-Од нејзината реакција на месото, изгледа дека никогаш досега не и давале месо како храна. По дадената терапија почнала сама да јаде, но се чини дека цревата и желудникот не се способни да варат, односно да преработуваат храна, а нема столица. Во оваа општо лоша ситуација, може да се случи да откажат и други органи (бубрези, црн дроб). Покрај сите овие проблеми, рендгенските снимки покажаа дека лавицата има и скршена бутната коска на левата нога, а делумна скршеница на десната нога, па и покрај опасноста да биде ставена под анестезија, таа утрово беше оперирана, изјавија  од Зоолошката градина Палиќ.

И по операцијата, поради повредата на коската, лавицата ќе мора да се чува на што помал простор за да се одмори и да и се дозволи заздравување на коските.

-Поради општа слабост на организмот не можеме постојано да ја држиме под благо седација, но потребно е физички да и го ограничиме движењето. Најважно во овој момент е лавицата да се стабилизира, да закрепне, а потоа заедно со другите државни органи ќе го најдеме најдоброто решение за неа, рекоа од Зоолошката градина Палиќ.

 

 

Поврзани новости