Руски воен транспортен авион „Иљушин Ил-76“ се урна денеска во близина на украинската граница, а државната новинска агенција РИА објави соопштение од руското Министерство за одбрана дека превезувал украински воени заробеници кои требало да бидат разменети, пренесува Ројтерс.
Агенцијата РИА објави соопштение од Министерството за одбрана дека во авионот имало 65 украински воени заробеници, заедно со шест членови на екипажот и уште три лица, кога се урнал. Засега нема информации за причината за несреќата, а Ројтерс јавува дека не може веднаш да ги потврдат деталите за тоа кој се се наоѓал во авионот.
На видеото објавено на апликацијата Телеграм се гледа како големо летало паѓа кон земјата, експлозија и голема огнена топка по него.
/3. Video of the Il-76 crash in Belgorod region pic.twitter.com/ZPuBUO9QSZ
— Special Kherson Cat 🐈🇺🇦 (@bayraktar_1love) January 24, 2024
Ројтерс потсетува дека „Ил-76“ е воено транспортен авион дизајниран за воздушен транспорт на единици, товар, воена опрема и оружје. Има нормален екипаж од пет лица и може да превезе до 90 патници.
Локалниот гувернер Вјачеслав Гладков изјави дека неодреден „инцидент“ се случил во областа Корочански во регионот, североисточно од градот Белгород и дека ќе изврши увид на местото. Тој рече дека истражителите и итната помош се веќе на терен.
Како одговор на новинарско прашање, Кремљ соопшти дека ја истражува ситуацијата.