На официјалната електронска адреса на „Фокус“ стигнаа две видео снимки во врска со инцидентот што се случи пред три недели, а во кој се вклучени актуелниот и поранешниот директор на Клиниката за кардиохирургија, Марјан Шокаровски и Сашко Јовев.
На снимките кои стигнаа до нашата редакција има дообјаснување: „еве како доктор Јовев од Кардиохирургија беше физички нападнат, или всушност тој е напаѓачот“, како и „Јовев е насилник кој се изживува и физички напаѓа вработени“.
Видеата се испратени од адреса која нема име и презиме на испраќач, именувана само како „incidentotnajovev“.
Во билтенот на МВР беше наведено дека на 18 септември околу 10 утрото е пријавено од страна на Клиниката за кардиохирургија дека вработен во болницата вербално нападнал медицинска сестра, а потоа физички го нападнал директорот, по што ја напуштил болницата и самиот се пријавил во полициска станица.
По инцидентот Јовев за дел од медиумите тврдеше дека отишол во полиција да пријави напад и мобинг врз него, кажувајќи дека завршил со оток на окото, бидејќи Шокаровски замавнал и несакајќи го удрил со лупите што ги носел во моментот.
Јавното обвинителство се уште нема пријава против д-р Јовев.