„СДСМ нема да поддржи етнички поделби во науката и категорично ќе се спротивстави на идеите кои ги промовираат и ги туркаат коалициските партнери во власта на чело со ВЛЕН. Категорично сме против формирање на паралелна Академија за науки и уметности затоа што тоа значи етнизација на науката и создавање етнички институции, немасто институции за сите граѓани. Она што го промовира ВЛЕН служи единствено на намерите за поттикнување на поделби кои носат огромна штета за граѓаните и нашето мултиетничко општеството“ рече денеска на прес-конференција пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески.
Според него, „оваа идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици од причина што МАНУ е и треба да остане институција во која членуваат реномирани научници од сите етнички заедници. Науката ниту треба да се партизира ниту да се етнизира и злоупотребува во дневно политички цели и потреби“.
„СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите и со сите расположливи механизми ќе се спротистави во општините кои најавуваат дека имаат намера да го финансираат овој проект со пари на граѓаните. Општините се на сите граѓани, буџетот е од сите граѓани и треба да биде за сите граѓани, да се инвестира во решавање на проблемите а не во создавање поделби и тензии. Најавуваме дека советниците на СДСМ во овие општини нема да го поддржат Буџетот за наредната 2025 година. Ги повикуваме и останатите политички партии да се приклучат, особено советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Доколку тоа не го направат, ВМРО-ДПМНЕ ќе стане директен поддржувач и соучесник“ порача Трајчулески.