СДСМ ги предаде документите до Владата, а кои, како што тврдат, го докажуваат наводниот криминал направен од страна на првиот вицепремиер Изет Меџити.
„Денеска ќе му ги доставиме документите на премиерот Мицкоски за скандалот со вицепремиерот Меџити. Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата.
Еве ги тие документи коишто до нас се доставени од свиркачи и кои се од државни инситуции, со архивски броеви, печати и потписи. Овде јасно е наведено дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето, дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети.
Дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните.
Според ова наведено во овие документи, во Министерството за животна средина бил поставен систем за потпис и одлучување спротиво на законите и административните процедури, што отвора сомнежи за корупција и мито“ изјави Кузеска.
Таа рече дека очекуваат Мицкоски да ги прочита, да ги разгледа внимателно и да одговори на сите овие сомнежи за злоупотреби и можна корупција.
„Ајде да видиме сега дали нешто ќе преземе премиерот со овие докази во рака. Дали ќе ги повика надлежните институции да реагираат, или Мицкоски ќе продолжи да го штити Изет Меџити?“ порача Кузеска.