(Видео) Руските сили извршија масовни напади врз Украина: погодени згради и објекти за струја, има и повредени

by Fokus

Руските сили синоќа извршија масовни воздушни напади врз неколку области во Украина.

Цели биле регионите Запорожје, Харков, Лавов и Дњепропетровск, како и Крив Рог, јавуваат украинските медиуми.

Регионалната воена управа на Запорожје соопшти дека во ударите се уништени седум станбени згради, а 35 се оштетени, а има и повредени, пренесува Укринформ.

Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, изјави дека во тој град одекнале 15 експлозии и дека руските сили ги погодиле објектите на електродистрибутивната мрежа.

„Досега се потврдени 15 експлозии во Харков. Има проблеми со снабдувањето со електрична енергија во градот. Непријателот ги гаѓа објектите на електричната дистрибутивна инфраструктура. На некои места избувнаа пожари“, рече Терехов на Телеграм.

Градоначалникот на Крив Рог, Александар Вилкул, објави дека во руските напади била погодена критична инфраструктура.

„Онаму каде што има можност, потребно е да се набави вода, да се полнат електрични апарати и генератори на струја“, рече Вилкул, пренесува Униан.

Во Крив Рог се воведени распореди за итни случаи за исклучување, а болниците и другата инфраструктура се снабдуваат со струја од агрегати.

Синоќа руските воздушни напади ја оштетија електроенергетската инфраструктура и во регионот Лавов, соопштија регионалните власти.

Засега нема информации за повредени.

Рускиот ракетен напад оштети енергетски објекти во четири окрузи на регионот Дњепропетровск, изјави шефот на регионалната воена администрација Серхиј Лисак, пренесува Интерфакс Украина.

Тој додаде дека ќе се воведат итни прекини на струјата.

Поврзани новости