(Видео) Русите извршија напад на Суми: 10 мртви, меѓу кои и две деца, 52 ранети

by Fokus

Десет лица, меѓу кои две деца, загинаа, а 52 се повредени во руски ракетен напад врз станбена зграда во североисточниот украински град Суми, соопштија украинските служби за итни случаи и војската. Нападот следи неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден ѝ дозволи на Украина да ја гаѓа Русија со американско оружје со долг дострел.

Украинските служби за итни случаи преку каналот Телеграм известија дека се на местото на несреќата и им помагаат на настраданите. Повеќе од 400 луѓе беа евакуирани.

Нападот на Суми уследи по утринските напади на Русија врз украинската електрична мрежа. Во најголемиот воздушен напад во речиси три месеци, Русија лансираше 120 проектили и 90 беспилотни летала кон Украина, во кои животот го загубија седум лица, а беше предизвикана голема штета на електричната мрежа.

Руската пратеничка Марија Бутина рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден, ризикува избувнување на Третата светска војна.

„Администрацијата на Бајден се обидува да ја ескалира ситуацијата до максимум додека се уште има моќ и додека тие се уште се на власт. Се надевам дека (Доналд) Трамп ќе ја смени одлуката бидејќи сериозно го ризикуваат почетокот на Третата светска војна, што не е во ничиј интерес“ изјави Бутина за Ројтерс.

Се уште нема официјална реакција од Кремљ за одлуката на Бајден.

Поврзани новости