(ВИДЕО) Рибери со солзи се прости од фудбалот

by Фокус

Фудбалскиот натпревар меѓу Салернитана и Специја започна со кратка церемонија, на која во фудбалска пензија и официјално беше испратен Франк Рибери.

Францускиот офанзивец поради повреда порано од планираното ќе ги „закачи копачките на клин“, а во Салерно доби достојно збогување.

Рибери не издржа додека целиот стадион во еден глас го пееше неговото име, пушти солзи и се заблагодари за поддршката.

Во својата кариера Рибери играше во Булоњ, Але, Брест, Мец, Галатасарај и Олимпик Марсеј, пред да се пресели во Баерн Минхен во 2007 година.

Со Баварците француското крило освои сè, а според многумина требаше да ја добие и „Златната топка“ во 2013 година.

Пред три години реши дека е време да замине од Минхен, дојде во Серија А и заигра за Фиорентина, пред минатото лето да се пресели во Салерно.

Сосема очекувано, Рибери најмногу се прослави во Баерн Минхен каде што беше дел од неверојатниот тандем со Арјен Робен.

Французинот одигра 425 официјални натпревари за баварците, даде 124 погодоци и запиша 182 асистенции.

Поврзани новости