(Видео) Расте бројот на загинати во пожарите во Лос Анџелес:„Многу делови од градот изгледаат како да се бомбардирани“

by Fokus

Бројот на загинати во пожарите што беснеат низ Лос Анџелес се искачи на 24, соопштија утрово властите. Канцеларијата на судски вештак во округот Лос Анџелес објави список на жртви, вклучувајќи осум лица кои загинаа во пожарот што беснее во Пацифик Палисадес и 16 лица кои загинаа во пожарот во Итон.

И покрај предупредувањата дека секој обид за навлегување во областа на пожарот е од висок ризик, многу луѓе кои беа принудени да ги напуштат своите домови се собираат на контролните пунктови управувани од полицијата, надевајќи се дека ќе добијат шанса да видат во каква состојба се нивните домови и дали се уништени.

„Не можам да си одам дома бидејќи е опасно“, изјави шефот на пожарникарите во Лос Анџелес, Ентони Мароне. „Наш заеднички приоритет е… да ги вратиме луѓето дома што е можно поскоро“, рече тој на прес-конференција, додавајќи дека тоа нема да биде можно до среда, поради предвиденото засилување на ветровите.

„Бидете уверени, во четврток, дискусијата за враќање на луѓето во нивните домови ќе биде приоритет за нас“, рече Мароне. Некои жители чекаа во ред 11 часа за брза обиколка на нивните домови со придружба во евакуираната област.

На некои не им беше дозволено ниту да ги обиколат своите домови со придружба бидејќи пожарникарите стравуваа дека силниот ветер може да ја влоши ситуацијата во подрачјата зафатени од пожарот. Шефот на противпожарната служба рече дека ќе се воспостави систем кој ќе им овозможи на жителите да проверат на интернет дали нивните домови се уништени или оштетени.

„Знам дека многу луѓе во мојата област се разочарани и фрустрирани, но безбедноста е наш приоритет број еден“, рече градскиот советник на Лос Анџелес, Траси Парк.

Бројот на евакуирани лица во моментов е околу 100.000, што е значително помалку во споредба со околу 180.000 во претходните денови.

„Многу области сè уште изгледаат како да се бомбардирани“, рече шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, истакнувајќи ја опасноста од соборените далноводи и гасоводи.

Поврзани новости