(Видео) Путин ја отвори втората нуклеарна вежба за две недели: „Оружјето мора да биде подготвено“

by Fokus

Рускиот претседател Владимир Путин отвори нова вежба на нуклеарните сили на неговата земја, втора од ваков вид во последните две недели.

Според руските власти, две и полгодишната војна во Украина влегува во најопасна фаза. Руската армија напредува на исток од нападнатата земја, а западот размислува како да го зајакне Киев.

Со недели Русија испраќа сигнали до Западот дека Москва ќе одговори доколку САД и нивните сојузници и дозволат на Украина да истрела ракети со долг дострел длабоко на руска територија. НАТО, пак, тврди дека Северна Кореја испратила своја војска на запад од Русија.

Во видеото објавено од Кремљ, Путин на отворањето на вежбата вели дека употребата на нуклеарно оружје би била „екстремно исклучителна мерка“, но дека тоа мора да биде подготвено за употреба.

„Ќе продолжиме да ги подобруваме сите компоненти. Ресурсите за тоа се достапни. Нагласувам дека нема да влеземе во нова трка во вооружување, но ќе ги одржиме нуклеарните сили на потребното ниво“, рече тој.

Вежбите започнати денеска се продолжение на вежбата на 18 октомври во регионот Твер.

Минатата недела Путин одобри промена на руската нуклеарна доктрина, па отсега нападот на земја со поддршка на нуклеарна сила се смета за заеднички напад на тие земји, што е јасно предупредување до САД да не и помагаат на Украина да таргетира руска територија.

Русија е најголемата нуклеарна сила во светот. САД и Русија заедно контролираат 88 отсто од светското нуклеарно оружје.

Поврзани новости