Утрово, во очи на Нова Година, работници почнуваат да ги сечат дрвјата на првата парцела на Водно за која е издадена градежна дозвола, реагираа од Шанса за Центар.
„Граѓаните од улицата „Питу Гули“ се вчудоневидени од итањето да се почнат работите на парцелата иако почнуваат празниците“, велат од движењето.
Од таму посочуваат дека вчера Советот на општина Центар едногласно ја задолжи општината и Градоначалникот да побараат вонреден инспекциски надзор на целото ова подрачје од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
„Две локации на кои се бара вонреден надзор од градежниот инспекторат се за новопроектирани улици кои ќе овозможат пристап до парцели за градење кои сериозно ќе навлезат во шумата на Водно, а сите ние ќе изгубиме зеленило кое не штити од поплави, ерозии и загадување“, истакнуваат од таму.
Од движењето потсетуваат дека се работи за улици кои би воделе меѓудругите и кон целото подрачје со плацовите кои се дел од активниот судски случај во јавноста познат како „Плацови на Водно“.