Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Кремљ се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој денеска пристигна во Москва. Путин рече дека за време на разговорите со Орбан планира да размени мислења, вклучително и за Украина.
Претседателот на Русија најави дека ќе го информира Орбан за деталите од предлогот на Москва за мирно решение на украинската криза, а очекува и да ги дознае деталите од унгарскиот план, пренесува РИА Новости.
Putin tells Orban they will discuss "all the nuances of the situation" in Ukraine.
This is a reference to his demand Ukraine surrender four regions to Russia and pledge never to join Nato. Ukraine has said this is capitulation and would leave it vulnerable to future attack. pic.twitter.com/aW4ykkjCtg
— max seddon (@maxseddon) July 5, 2024
Орбан на почетокот на разговорот рече дека би сакал да ја знае позицијата на Путин за прашањата важни за Европа.
На средбата присуствуваат и министрите за надворешни работи на Унгарија и Русија, Петер Шијрото и Сергеј Лавров.
Унгарија наскоро ќе стане единствената земја во Европа која ќе може да води дијалог и со Русија и со Украина, изјави унгарскиот премиер на средбата со рускиот претседател.
– Се намалува бројот на земји кои имаат можност да разговараат со двете страни во конфликтот во Украина. Унгарија веројатно наскоро ќе стане единствената земја која разговара и со Русија и со Украина – изјави Орбан за време на средбата во Кремљ.
Путин истакна дека му е многу мило што го видел Орбан во Москва и дека имаат за што да разговараат. Тој изјави дека има намера да разговара со унгарскиот премиер за билатералните односи, но и за сите детали за ситуацијата во врска со Украина.
– Се надевам дека ќе имаме можност да размениме мислења за градење билатерални односи во оваа тешка ситуација и да разговараме за изгледите за развој на најголемата европска криза – мислам на украинската насока – нагласи Путин.
Рускиот претседател му рекол на Орбан дека разбира оти тој овојпат пристигнал во Москва „не само како долгорочен партнер, туку и како претседавач со ЕУ“.
Путин додаде дека има забележителен пад во трговските односи меѓу Русија и Унгарија и нагласи дека има многу да се работи на овој план.
Орбан му се заблагодари на Путин за неговиот прием во тежок момент за Русија.
– Ти благодарам што ме прими денеска. Ова не е наша прва средба – истакна унгарскиот премиер, нагласувајќи дека денешната средба е „специјална“.
Орбан пристигна во Москва по посетата на Киев на 2 јули, каде што разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Унгарија го презеде претседавањето со ЕУ на 1 јули, но претставникот на Европскиот совет Шарл Мишел и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозе Борел изјавија дека ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ нема мандат да соработува со Русија во име на ЕУ и дека Орбан не доби мандат од Советот на ЕУ да ја посети Москва.
По пристигнувањето во Москва, Орбан изјави дека ја продолжува мировната мисија со таа посета, откако неодамна разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.
„Мировната мисија продолжува. Втора станица: Москва“, изјави Орбан на социјалната мрежа Х.