Ирачката ТикТок ѕвезда, позната на стотици илјади онлајн следбеници како Ом Фахад, беше убиена во напад доцна во ноќта пред нејзиниот дом во источен Багдад. Надзорните камери го снимија нападот, кој се случи во петокот, на кој се гледа како напаѓачот, облечен во темна облека и со кацига, се симнува од својот мотоцикл, оди кон црн џип и пука во ТикТокерката, која седела внатре.
Според Ал Џезира, Министерството за внатрешни работи соопштило дека формирало тим за испитување на околностите на убиството. Ом Фахад, чие вистинско име е Гуфран Савади, беше популарна на ТикТок и имаше речиси половина милион следбеници и споделуваше видеа на кои танцува на поп музика.
Во февруари 2023 година, судот ја осуди на шест месеци затвор бидејќи беше откриено дека нејзините видеа содржат „непристоен говор што ја поткопува скромноста и јавниот морал“, а некои од нејзините видеа имаа повеќе од милион прегледи.
Пет други креатори на онлајн содржини исто така беа осудени на до две години затвор во тоа време, а против другите беа покренати истраги.
Тоа дојде откако ирачкото Министерство за внатрешни работи формираше комитет во јануари 2023 година за да открие „непристојна и понижувачка содржина“ објавена на интернет од влијателни луѓе како Фахад. Според ирачкото Министерство за внатрешни работи, ова ќе ги зачува „моралот и семејната традиција“ во ирачкото општество.