Продолжува спасувачката акција на екипите од Европа кои се на терен во разурнатите предели на Турција и Сирија, кои минатиот понеделник беа погодени од силен земјотрес.
На терен е нашиот алпинист Надир Мурсели кој заедно со тимот од Република Српска и со голи раце копаат да дојдат до преживеани жители на Кахраманмараш, еден од најпогодените градови во Турција.
Мурсели за „Фокус“ испрати видео на кое се гледа како спасувачите од неговиот тим пеат песни на дечињата од овој регион, каде тетовецот и тимот се на терен.
„Моментално се уште сме во Кахраманмараш во Турција. Тој е еден од најпогодените градови во земјата и глетките се катастрофални. Сега сме пред срушен хотел во кој има пет луѓе кои се под урнатините и се копа со багери за да се најдат. Не се откажуваме“, вели Мурсели.
Во оваа природна катастрофа бројките на загинати но и на спасени постојано растат, а според последните информации регистрирани се 33.000 мртви и над 40.000 згради се урнати.
Јорданчо Цветаноски