Шумскиот пожар кој беснее надвор од контрола во Тенерифе е намерно подметнат, соопштија шпанските власти.
Бројот на луѓе кои мораа да бидат евакуирани на островот по избувнувањето на пожарот во средата достигна повеќе од 12.000. Многу луѓе се евакуирани откако пожарот се прошири низ североисточните градови и села, пишува „Скај њуз“.
Фернандо Клавихо, регионален претседател на Канарските Острови, рече дека полицијата се сомнева дека е подметнат пожар и дека истрагата се одвива во три насоки, но не кажа дали се уапсени.
Стотици војници и пожарникари беа ангажирани да го стават пожарот под контрола, а подобрените временски услови им помогнаа да постигнат подобар напредок вчера.
„Службите за итни случаи имаа некои позитивни резултати по многу тешка ноќ“, рече гувернерката Роза Давила, според „Скај њуз“.
Многу мештани се засолниле во спортски сали, клубови и павилјони, а во пожарот нема повредени. Се повикуваат луѓето да останат во затворени простории поради лошиот квалитет на воздухот и да носат маски доколку мора да излезат.
Во пожарот нема оштетени куќи, но изгореа 29.000 хектари борова шума и грмушки. На пожарникарите не им е лесно да ги гаснат пожарите во Тенерифе поради планинскиот терен околу некои градови.
Во гаснењето на пожарот помагаат хеликоптери и авиони кои носат вода. Канарските острови се соочуваат со суша во последните неколку години. Поради променливите временски обрасци предизвикани од климатските промени, врнежите беа под просекот.
На шпанското копно во следните неколку дена се очекува да биде многу топло, а во среда и четврток температурите ќе надминат 40 Целзиусови степени.
My home island is on fire 💙#Tenerife 🇪🇦 pic.twitter.com/k4OjfjbJk4
— Adan J. Suarez 💵💶 (@AdanJSuarez) August 18, 2023