Пожарот што денеска изби во атарот на пехчевското село Негрево е исклучително силен и тежок за гаснење, вели директорот на Центарот за управување со крици, Стојанче Ангелов.
Според него, зафатена е квалитетна борова шума, а запалени шишарки летаат и по 20 до 30 метри и создаваат нови жаришта.
-Локални пожарникари од Берово и од Делчево се обидуваат да направат една линија, еден противпожарен појас сечејќи ги боровите за да не може огнот да се префрли од една на друга страна – вели Ангелов.
Сепак, тој смета дека гаснењето на овој пожар ќе биде тешка операција токму поради запалените шишарки што летаат насекаде.
Ангелов информираше дека во моментов Пехчево е безбедно зашто градоначалникот, пожарникарите и локалното население придонеле за формирање на противпожарни појаси и фокусот е ставен токму на одбрана на Пехчево и селото Негрево од огнот.
-Рано наутро ќе се обдиеме да дејствуваме со летала, но морам да напоменам дека во овој момент имаме уште дваесеттина активни пожари од кои најмалку десет се поголеми и загрозуваат населени места – рече Ангелов.
Тој потенцира дека состојбата е крајно сериозна и дека денеска се забележани рекорден број пожари во еден ден. Апелираше граѓаните да бидат внимателни, а земјоделците да не ги палат стрништата и предупреди дека полицијата засилено трага по предизвикувачите на пожари.