Нова песна од легендарниот Тоше Проески, за која демо снимката била направена во 2004 година во студиото на Кирил Зарлинов, познат во јавноста како диџеј Ерик Фокс, денес на пладне беше објавена на музичкиот канал Јутјуб.
,,Кажу да време лечи све” е насловот на нумерата, а во видео записот изработен во графичка техника се појавува ликот на Тоше, како и испишаните стихови.
Песната доаѓа како едн вид на подарок од Тоше за сите негови фанови, на денот на неговиот роденден. Да беше жив, тој ќе наполнеше 43 години.
Инаку, Ерик Фокс, кој беше близок пријател со Проески, ја објави песната на својот музички канал, каде е појаснето дека музиката и текстот се на Зоран Ѓорѓевиќ, аранманот и продукцијата се негови, односно на Кирил Зарлинов, микс и мастер студио Моцарт – Костадин Камчев.
Зарлинов се заблагодарува на целата екипа која работела на проектот – Давор Јордановски, Дарко Тасев, Иле Спасев, Јован Јованов, Александар Тасиќ и Александар Трајковски.
Исто така, тој упати голема благодарност и до семејството на Тоше за безрезервната поддршка.
И сестрата на Тоше, Дора, ја објави новата песна на својот профил.
-Кажу да вријеме, вријеме лијечи све, а шта ми вреди вјечност без тебе, певам у тами оне наше пјесме, сузе лијем рано моја, за тобом чезнем – се дел од стиховите.
Вики Клинчарова