Танкер под филипинско знаме кој превезувал 1,4 милиони литри нафта се превртел, а потоа потонал кај Манила, соопштија властите, кои се обидуваат да спречат ширење на нафтата што би било катастрофа за морето и брегот.
Танкерот потона кога обилни дождови поттикнати од тајфунот Гаеми и сезонските монсуни што ги погодија Манила и соседните области во последните денови.
Бидејќи немало предупредување за бура кога бродот потонал, екипажот не ги прекршил прописите за навигација за лоши временски услови, изјави портпаролот на крајбрежната стража Армандо Балило во соопштението.
Еден член на екипажот на танкерот „MT Tera Nova“ загина кога бродот се превртел на околу седум километри од градот Лимај, недалеку од Манила, главниот град на Филипините, и пловел кон централниот град Илоило.
Државниот секретар за транспорт рече дека 16 од 17-те членови на екипажот биле спасени, но дека еден исчезнал. Телото на еден од 17-те членови на екипажот е пронајдено денеска по повеќечасовна потрага во разбрануваното море, соопшти крајбрежната стража.
Крајбрежната стража распоредува прскалки и се подготвува да постави пловечки бариери за да го спречи ширењето на нафтата, која се протега на околу 3,7 километри од фреквентниот воден пат и се носи со силни струи.
Портапролот на крајбрежната стража процени дека доколку истече целата нафта во бродот, тоа ќе биде најголемото излевање на нафта во историјата на Филипините, што особено му се заканува на брегот на Манила.
Командантот на крајбрежната стража, адмирал Рони Гаван, рече дека очекува да заврши со пумпање нафта од потонатиот танкер, кој се наоѓа на само 34 метри под површината на морето, во рок од седум дена.
Илјадници рибари и туристички работници зависат од филипинските води за нивните риболовни и туристички активности.
Едно од најголемите излевања на нафта на Филипините се случи во февруари 2023 година кога танкер со 800.000 литри нафта потона кај централниот остров Миндоро, јужно од главниот град.