Поради невремето Елпида и снегот што предизвика сериозни проблеми, иако снежната покривка не надминува половина метар, во областа Атика, поширокиот регион на Атина, и денешниот ден, исто како и вчера, е прогласен за неработен ден, јави МИА од Атина.
Оваа одлука важи и за уште пет други грчки региони, меѓу кои и Кикладските Острови, Крит и Евија. Од вчера наутро во Атина запреа обилните врнежи од снег, меѓутоа останаа проблемите.
Повеќе атински населби над 24 часа се без електрична енергија, улиците сè уште не се целосно исчистени, а околу 500 возила и понатаму се наоѓаат на автопатот што ги поврзува атинските предградија, каде што возачите ги оставија откако беа заглавени поради снегот.
Процените се дека на конкретниот автопат биле заглавени околу 4 500 лица и 2 500 возила, а интервенираше и војската, која и рано утрово го чистеше снегот.