(Видео) Полициски час во Бангладеш: Власта се обидува да ги задуши протестите, интернетот е исклучен, над 100 загинати

by Fokus

Војници патролираат по напуштените улици на главниот град на Бангладеш, Дака, утринава бидејќи беше воведен полициски час за да се смират протестите во кои загинаа повеќе од 100 луѓе оваа недела и беа насочени против владините квоти за работни места во државната служба.

Според податоците на болниците низ Бангладеш, во судирите со полицијата за време на протестите предводени од студентите загинаа најмалку 105 луѓе, а повредени се илјадници други оваа недела, објави Ројтерс.

Медиумите посочуваат дека вчера биле пријавени најмалку 56 смртни случаи.

Министерот за внатрешни работи на Бангладеш, Асадузман Кан рече дека армијата ќе биде распоредена во главниот град Дака и во други области.

Од четвртокот во Бангладеш се суспендирани услугите на интернет и текстуални пораки, бидејќи полицијата ги разби протестите, кои продолжија и покрај забраната за јавни собири.

Полицискиот час нема да важи денеска два часа за да им се овозможи на граѓаните да набават залихи и да вршат други работи, објавија локалните телевизиски канали.

Сите собири во главниот град се забранети до дополнително известување.

Немирите ширум Бангладеш избувнаа на почетокот на јули кога студентите жестоко се спротивставија на воведувањето нови владини квоти за работни места, вклучително и квота од 30 отсто за ангажирање членови на семејствата на оние кои се бореле за независност од Пакистан.

Поврзани новости