Влатко Стојановски, главен и одговорен уредник на неделникот „Фокус“ и новинар, во емисијата „Само Вистина“ на „Канал 5“ говореше за неуспешниот обид за атентат на Доналд Трамп и како тоа ќе се одрази во трката за избор на нов претседател во САД. Според него, овој настан уште повеќе го фаворизира Трамп во изборната битка со Џо Бајден, но главното прашање е дали, односно како неговото доаѓање на чело на САД ќе се одрази врз Македонија и нашите главни предизвици?
–Овој неуспешен обид за атентат врз Трамп, според мене има 2 аспекти кои може да ги врземе за Македонија. Првиот аспект кој е помалку важен, но не и неважен, е аспектот на безбeдноста. Овој случај покажува дека и најсилните западни демократии и најсилните безбедносни системи воопшто се ранливи.
Треба да се потсетиме дека и во Русија неодамна имаше терористички напад во кој загинаа голем број на луѓе. Кај нас имало случаи со сличен карактер, како „Диво Насеље“, „Монструм“, и за нив сме биле многу критични кон системот, и требало да бидеме, но само треба да имаме во предвид дека такви настани се случуваат насекаде.
И кој е вториот аспект? Многумина Трамп го доживуваа како ултранационалист и вербален агресор, но обидот за атентат сега го прикажува како жртва и врз основа на тоа повикува на обединување, обидувајќи се да ја мултиплицира поддршката. Најверојатно, тој ќе биде следниот претседател. Е сега прашањето е како тоа ќе се одрази во односите со Македонија и кон нашите надворешно-политички предизвици?
Трамп веќе имаше еден мандат и тука видовме малку поинаков пристап во меѓународната политика, во смисла повеќе да биде свртен кон домашните прашања, отколку САД да се однесува како еден вид на светски полицаец, кој ќе ги дисперзира ресурсите насекаде, вклучително и во Европа и Западен Балкан.
Според мене, треба да очекуваме дека со доаѓањето на Трамп тоа ќе го нема барем во таа мера и можам да извлечам заклучок дека, особено ако ги земеме во контекст одредени изборни резултати во Европа, пред се во Франција, Германија, во драстична мера ќе опадне притисокот што го имавме за надминување на тие надворешно-политички предизици, или да конкретизирам – за уставните измени – рече Стојановски.
Во однос на прашањето дали Републиканците или Демократите се понаклонети кон Македонија, тој рече дека 3 децении наназад се провлекува теза дека генерално Републиканците имаат поафирмативен став кон Македонија, иако, како што додаде, во САД и во сите сериозни држави не се прави преку ноќ драстичен дисконтинуитет во стратешките магистрални правци на надворешната политика.
–Таква теорија и теза се провлекува, што не значи дека таа е точна и дека и јас ја делам во целост, туку само поентирав со тој заклучок дека, народски кажано, со доаѓањето на Трамп ќе бидеме оставени по на раат при надминување на тие надворешно-политички предизвици за кои имаме дилеми, а моментално најголем таков предизвик се уставните измени.
Инаку, големите сериозни држави како САД ретко прават дисконтинуитет на тие стратешки магистрални правци во надворешната политика. Меѓутоа, во претходниот мандат на Трамп видовме еден малку поинаков пристап, кој од денешна перспектива за некои прашања можеби ни делува како авантуризам, како што беше, на пример, неговиот обид да го премости историскиот јаз меѓу двете Кореи. Видовме и различен пристап и на решавање на косовското прашања, за кое во време на Трамп се работеше на моделот за размена на територии.
Исто така, сега битно е како Трамп планира да се постави во однос на војната во Украина, која сите не засега? Тој неколку пати кажува дека ќе го реши конфликтот, но не го презентира точниот рецепт како тоа планира да го направи. Освен што може да потенцираме една негова изјава, кога кажа дека ќе го натера Путин да се повлече, или во спротивно на Украина ќе и даде многу повеќе, а ако Зеленски не седне да преговара, тогаш ќе го остави Киев со празни раце.
Тоа формулира некој негов иден пристап како тој планира да влезе во решавање на тоа прашање, меѓутоа не го кажува точниот план. Дури еден план на двајца автори што беше претставен во јавност веројатно да се тестира тој не го прифати. Станува збор за човек од олигархијата кој има прагматичен или чист бизнис пристап во решавањето на споровите…
И ние имавме еден таков „дил ориентед“ премиер со бизнис пристап во решавањето на проблемите, и тој реши одредени проблеми, но кога тоа го правиш без притоа да има политичка и идеолошка супстанца последиците на среден рок се лоши. Јас мислам дека доаѓањето на Трамп ќе направи промени на фронтот во Украина и сметам дека потоа фокусот ќе го стави на односите со Кина и на ситуацијата во Изразел и Газа – рече Стојановски.
„ПРЕТЕПАНО“ БЕБЕ
Во вториот дел од емисијата, се наметна темата за случајот на Детската клиника, кој од обвинувања за претепано бебе од страна на медицинска сестра се сведе на обично недоразбирање меѓу неа и семејството. Како што рече Стојановски, станува збор за сензитивен случај, кој во јавноста беше презентиран сензационалистички, а потоа беше злоупотребен и за градење на политички наративи.
–Прво, сензитивно е тоа што се работи за бебе со повреди. И втора сензитивна работа, која се налепува на првата и тие две во корелација го прават пропагандниот ефект силен, е тоа што на случајот му се дава националистички тон. Тука, според мене, која е информацијата што може сигурно да се потврди и објави? Тоа е дека имаме бебе со повреди или рани.
Секоја информација треба да одговори на неколку новинарски прашања, но на прашањето „зошто“ во оваа прва фаза не може да се даде веродостоен и таков резолутен одговор дека повредите се резултат на тоа што мајката на дететото не знаела македонски јазик, а медицинската сестра што го третирала бебето имала проблем со тоа. Така не може да се обликува информацијата и да се врзе приказната, па во тој поглед промашена е работата од етички аспект.
Знаете како, кога фактичка состојба не може да се утврди или тешко се утврдува од независен орган, трета страна и сл, се прави синтеза на двете страни од приказната. Но, не може во приказната 90 отсто да доминира едната страна. Ние отпосле почнавме да слушаме втора страна и објаснувања кои во голема мера се стручни и ние не ги разбираме, зашто тоа е специфицирана област – рече Стојановски.
Во однос на политичките реакции по известувањето за овој случај, кој на крај се сведе на обично недоразбирање, тој посочува дека ДУИ нема да бира средства да го напаѓа ВЛЕН дека е сервилен кон ВМРО-ДПМНЕ во рамки на владејачката коалиција. Тоа, според него, ја принудува и албанската владејачка коалиција да делува нерационално и да се радикализира.
–Ако имавме дилеми како ќе се однесува ДУИ по изборите и преселбата во опозиција, дали ќе отвори фронт против ВМРО, против ВЛЕН, против сите… Очигледно, со ВМРО не планираат да отворат фронт, бидејќи се преиграа пред избори кога го изострија конфликтот со ВМРО до крај и за тоа платија политичка цена. Сега, нивната стратегија ќе биде да се конфронтираат со ВЛЕН, кој гледаме дека ќе се хомогенизира и ќе биде уште поконкурентен на политичката сцена.
Тие напади на ДУИ кон ВЛЕН ќе бидат на оската сервилност. Значи, ОК е за политички прашања политички да се поентира. Но, да се каже дека бебе е повредено бидејќи во владата има Албанци кои се попустливи кон ВМРО е смешно и дегутантно. Гледаме дека тоа предизвикува и домино-ефект. Министерот за здравство Таравари, кој доаѓа од ВЛЕН, претпоставувам претпоставувајќи како ќе се одвиваат работите, исто така реагираше брзо без да ги земе во предвид сите аспекти и детали за случајот.
Фактички, и тој ја зазеде или потврди првичната верзија на новинарската сторија, која се темелеше на обвинувања на семејството, кои се покажаа како неточни. Самиот притисок и нападите на ДУИ на оваа етнонационална карта, ќе ја стави во позиција и албанската владејачка коалиција да се радикализира – рече Стојановски.
Тој потсети дека по донесувањето на Законот за двојазичност, ДУИ го прогласи Охридскиот рамковен договор за нормативно затворен, но сега повторно го оживува договорот и од него го генеририра наративот за нарушен легитимитет, со тоа што тие останаа во опозиција, иако како коалиција освоија повеќе гласови и пратеници на изборите. Како што истакна, овие наративи ќе се засилуваат до следните локални избори, кои ќе бидат клучни за судбината на ДУИ.
–Кога се донесе Законот за двојазичност после тие крупни политички промени во 2016/2017, ДУИ излезе и изјави дека Охридскиот договор е нормативно затворен. После тоа следевме други процеси на ребрендирање на ДУИ во зелена партија, но сега партијата повторно го оживува Рамковниот договор. Донесоа и една резолуција дека тој треба да се почитува, и од него тие практично го генерираат тој наратив за легитимитет. Демек, во владата нема легитимни Албанци.
Според мене, овие опасни наративи уште отсега се произведуваат за следните локални избори, кои ќе бидат клучни за судбината на ДУИ. Тогаш ќе се прекрши дали ДУИ ќе се врати на голема врата или нема да се врати. Сметам дека тие локални избори не му одат во прилог на ДУИ, од причина што во големите градови со албанско доминантно население ВЛЕН и сега е факторизиран, а со поддршка на ВМРО има шанси да победи во скоро сите албански урбани центри, бидејќи таму етничките Македонци главно инклинираат кон десницата.
ДУИ после тие избори може повторно ќе настапува со бројки и со квантитативни аргументи, да вади податоци за рурални општини каде победил. Но мислам дека после тие избори ДУИ ќе мора да влезе во сериозен процес на внатрешна реформа и кадровски смени, ако не лидерска смена во прва фаза. И затоа до тие избори постојано ќе се подига тензијата – рече Стојановски.
ДЕМОГРАФСКИ ЕГЗОДУС
Според него, со молитвата во Собранието има елементи на прекршување на принципот на секуларизам, меѓутоа верува оти тоа нема да стане преседан кој потоа ќе се повторува, туку дека се работи за изолиран настан поврзан со исто така сензитивна тема – геноцид. Како што нагласи, кога вакви теми доминираат во јавниот дискурс тешко може да се наметнат суштинските теми, како борбата со криминалот и корупцијата.
-Малку тука да ја раширам дискусијата… Според мене главен проблем и предизвик со кој се соочува државата е демографијата и тој демографски егзодус. Сите одлуки што ги носиме и треба да ги донесеме, колку и да се тешки и болни, треба да ги носиме според тоа како тие ќе влијаат врз овој процес. Дали тие одлуки тој процес ќе го забават, дали ќе овозможат враќање на дел од тие луѓе. Тој процес е сериозен и за иднината на државата, која е со специфична конфигурација според сите можни параметри.
Не само што резултатите од пописот беа фрапантни, туку и проекциите како тој одлив на население и со кој интензитет ќе се одвива во следните децении се застрашувачки. Затоа, сите политички одлуки треба да ги носиме за ова прашање. Ова не е само наш проблем, си заминуваат и од Албанија, Бугарија, Романија, но има и други примери, како што е Полска, каде има и обратен процес.
Во тој поглед, има еден битен заеднички именител во оваа владејачка гарнитура. И Мицкоски и Таравари зборуваа за трансформација на државата според 10-годишен план. Овие прашања не се решаваат од денес за утре. Но треба да маркираме точки. Што би го спречило тој процес, дали функциониален систем и институции, владеење на правото… Тука може да влезе и темата за членство во ЕУ и цената што треба да ја платиме за влез во Унијата.
Треба да се направи план и да се маркираат тие точки и мерки што треба да ги донесеме како да се ублажи овој процес ако веќе не може да се спречи, а ако може, според примерот на некои други држави, да го направиме и реверзибилен. Според мене, мора да се подигне економскиот стандард, но тоа е целта, треба да видиме како тоа да се направи.
Претходната власт сметаше дека само членство во ЕУ ќе ни ги овозможи тие клучни стапки на економски раст кои ќе го подигнат економскиот стандард и позитивно ќе влијаат врз демографијата. Но, оваа власт не смета така. Од таму велат – ако ЕУ не не сака под овие услови, ние самостојно ќе ја развиваме државата. И тое е ОК, но треба да видиме дали тоа така ќе биде, бидејќи времето покажа дека ние тешко сами ја развиваме државата.
Тука гледам судир на тие два концепти. Едниот концепт не го видовме до крај да се тестира во пракса, па сега треба да видиме како времето ќе го тестира актуелниот концепт – ако не сакаат во ЕУ добро, заинтересираме сме, но ако не не сакаат сами ќе си ја развиваме државата. Сега треба да видиме дали ќе се развие државата без членство во ЕУ. Реформи ни требаат за нас, не за ЕУ, но дилемата е дали ние може да ги спроведеме клучните реформи во администрација, здравство, образование без тие да ни бидат обврска – рече Стојановски.
На крајот, тој истакна дека погрешно е да се префрлува одговорноста кон народот, односно кон граѓаните поради тоа што во одреден период, под влијание на низа фактори, на избори се определиле онака како што сметале дека е исправно. Според него, системот го имаат компромитирано политичките елити, додека за, условно кажано, општествено едуцирање и ангажирање на граѓаните одговорност имаат и академската фела, медиумите…