Поетот Благоја Баковиќ кој позираше покрај телото на митрополитот Амфилохије е инфициран со корона вирус и е хоспитализиран во Врбас, известуваат српските медиуми. Видео снимка од Баковиќ, кој во неколку наврати, со цел да добие подобра фотографија, го бакнуваше митрополитот кој почина од Ковид-19, додека друго лице го фотографираше, го обиколи регионот.
Нема информација дали тој се инфицирал од вирусот за време на погребот, или пак од друго место, но според српските медиуми, ќе останел во болница наредниот период. Инаку, поетот го сврте вниманието на јавноста со својата поезија пред неколку години, кога ја објави збирката ,,Кога ќе пораснам ќе бидам Ноле”. Тогаш тимот на Новак Ѓоковиќ реагираше дека книгата која се нуди на продажба во училиштата, била објавена без негова дозвола. Имено, во дел од стиховите поетот ги повикуваше децата да одат во обложувалници и да се обложуваат за победа на Новак.
-Има една обложувалница, таму на крајот на стадионот, во која секој динар, како последно зрно воденичар и најубав мирис на цвет, би ги заложил на Ноле – се спорните стихови за кои поетот беше обвинет за злоупотреба на ликот на Ѓоковиќ, но и за злоупотреба на децата.
Вики Клинчарова