(ВИДЕО) Почна новата рунда преговори, Макрон на „линија“ со Путин и Зеленски

by Фокус

Прекин на огнот, примирје и воспоставување на хуманитарни коридори за евакуација на цивилите, се трите главни прашања на агендата на втората рунда украинско-руски преговори, што започна денеска на полско-белоруската граница.

„Започнаа разговорите со руските претставници“, објави денеска на Твитер советникот на украинскиот претседател и член на украинската делегација во преговоите со Русија, Микаило Подољак, изнесувајќи ги трите клучни прашања на средбата.

Делегацијата на Украина, како што јавија белоруските медиуми, на местото на преговори во „Бјаловјешка шума“ пристигнале со хеликоптер.

Претходно, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров посочи дека условите кои ги поставила Русија се минимални и оти ќе биде пронајдено решение.

-Секако дека ќе се најде решение, не се сомневам во тоа. Условите кои за нас се минимални се добро познати, за нив се разговара и на преговорите со украинската страна, како што беше во Гомел и како што ќе се случи денеска – наведе Лавров.

Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон разговарал со рускиот претседател Владимир Путин. Детали од разговорот не се откриваат, но дел од медиумите објавија дека Макрон го предупредил Путин дека се „лаже“ себеси и прави „голема грешка“ во Украина.

Истовремено, пак, Путин најавил дека Русија ќе продолжи со својата борба. Впрочем, тој посочил дека има „обиди да се купи време со одолговлекување на преговорите“ и, според него, таквите напори „само ќе доведат до дополнителни барања кон Киев“.

Според Елисејската палата, разговорот со Путин утрово траел час и половина, по што Макрон му се јавил на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Поврзани новости