Изјавите и коментарите на партиите од власта кои ги слушнавме и прочитавме изминативе десетина дена поврзани со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства, по скратена постапка се пораз за демократијата, демант на сите изјави на истите тие политичари кои велеа дека сме свесни за значењето на соживотот, меѓуетничките односи, но и најголем доказ дека некои политичари не ја сфатиле суштината на интеграцијата во Европската унија и не ја сфатиле својата улога во нашето општество, истакна на денешната прес-конференција Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ.
Предлог законот, според неа, има една единствена цел, а тоа е да се допрецизира право кое е веќе утврдено во законите и да се предвидат одредби кои ќе значат правилен и правичен надоместок за жртвите и настанатите последици.
„Но, наместо дебата, наместо дискусија за подобрување на текстот на законот, изјавите се сведоа под секое ниво и за жал, партиите на власт наместо да покажат државнички капацитет, покажаа незрело однесување и се впуштија во натпревар за тоа кој ќе го има последниот збор или кој ќе излезе со некој досетлив предлог. Почитувани колеги пратеници од власта, овој предлог закон не е шаховска игра, не е ниту провокација, ниту обид за дестабилизација. Овој предлог закон е одговор на барањето за правда и правичност и тоа се мотивите заради кој овој закон е поднесен. И овој закон не се однесува само на припадиниците на безбедносните сили кои учествувале во воениот конфликт во 2001, туку и на оние кои загинале извршувајќи задачи во интерес и заштита на Република Северна Македонија. Ако денес мене како предлагач ме обвинувате за дестабилизација и скриени намери, тогаш значи ли тоа дека и во ноември 2023 година кога ДПМНЕ го поднесе предлог законот правеше провокација? Дали тогаш нивниот предлог беше предизборен маркетинг и злоупотреба на ова прашање за изборни цели? Не сакам да помислам дека ова е така“, вели Петровска.
Додаде дека јавноста има право да ја знае вистината, и соопшти дека предлог-законот кој тогаш бил поднесен како иницијатива од Достоинство бил подготвен во нејзиниот кабинет како министерка за одбрана во координација со Стојанче Ангелов.
„Но, заради неговата одлука да направи предизборна коалиција со ДПМНЕ, тој предлог-законот го поднесе како сопствена иницијатива, а не како предлог на Владата. И тој предлог-закон СДСМ го поддржа. Наместо од ДПМНЕ да уценуваат со писма кои постапката ја враќаат чекор назад, нека го задолжат Претседателот на Собранието да го примени Деловникот, исто онака како што тоа го направи за задолжувањето од Унгарија и согласно член 126 став 3 нека ја закаже седницата на комисијата за труд.
Во спротивно, изјавите на првиот вицепремиер Меџити дека ставот на владејачката коалиција е дека овој закон нема да се донесе ќе биде потврда дека ДПМНЕ во Собранието се само бројка и немаат капацитет да ги реализираат ветувањата“, нагласи Петровска.