Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Потегот на Орбан предизвика прекор на лидерите на Европската унија, кои јасно ставија до знаење дека унгарскиот премиер нема да го претставува Брисел за време на неговиот престој во Русија.
Новинарите забележаа и дека Ербасот 604, кој унгарскиот премиер често го користи за патувања во странство, ја напушти Унгарија веднаш по неговото утринско интервју и слета на московскиот аеродром Внуково.
The #peace mission continues. Second stop: #Moscow. pic.twitter.com/kPOkKBsJQm
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) July 5, 2024
Пред заминувањето, Орбан на државното радио изјави дека Брисел не и дал мандат на Унгарија да промовира мир во Украина, но Унгарија може да биде „добра алатка во рацете на луѓето кои сакаат мир“.
„Мировната мисија продолжува. Втора станица: Москва“, напиша Орбан на Х по неговото слетување.
Во понеделникот Унгарија го презеде шестмесечното ротирачко претседавање со Советот на Европската унија. Во вторникот Орбан го посети украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, а сега одлучи да замине во Москва во „мировна мисија“, само неколку дена пред самитот на НАТО.
„Со таков состанок, унгарското претседателство завршува пред навистина да започне. Се чини дека Унгарија не ја сфати својата улога. Скептицизмот на земјите-членки на ЕУ за жал беше оправдан. Се работи за улогата на промовирање на интересите на Будимпешта“ изјави европски дипломат за Ројтерс.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, рече дека Орбан „на никаков начин не ја претставува ЕУ“ во Москва. Финскиот премиер Петри Орпо веста за посетата ја опиша како вознемирувачка.
„Неговата посета ќе покаже непочитување кон должностите на претседавачот и ќе ги поткопа интересите на Европската унија“, напиша тој вчера.