Австриската крајно десничарска Партија на слободата (ФПО), Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан и популистичката чешка партија АНО, предводена од Андреј Бабиш, формираат нов сојуз во Европскиот парламент.
Овој потег може да ги подели националистичките сили во парламентот, под услов да се приклучат уште четири партии. За официјално формирање на нова политичка група потребни се партии од најмалку една четвртина од земјите-членки на ЕУ.
Фидес, која не е дел од големите групи откако се раздели со Европската народна партија (ЕПП) во 2021 година, ФПО е дел од политичката група „Идентитет и демократија“ заедно со партијата Национален собир на Марин Ле Пен во Франција. АНО не е дел од политичка групација.
„Денес е историски ден бидејќи денес влегуваме во нова ера на европската политика“, рече шефот на ФПО, Херберт Кикл, во обраќањето пред медиумите на кои присуствуваа Бабиш и Орбан, кои се собраа во еден виенски хотел.
„Овој сојуз е замислен како ракета што ќе ги привлече другите партии на европско ниво да ги здружат силите и да и дадат подобра иднина на Европа“, рече Кикл за „новиот патриотски сојуз“.
Поранешниот чешки премиер Бабиш изјави дека новата група ќе се вика „Патриоти за Европа“.
Сите тројца ја наведоа борбата против илегалната имиграција, која долго време е нивна главна грижа, како и трансферот на повеќе овластувања од Брисел на земјите-членки.
Додека ФПО има јасно водство во австриските анкети пред парламентарните избори на 29 септември, Орбан се соочува со зголемена закана во Унгарија од новата опозициска партија Тиса, која овој месец соопшти дека ќе се приклучи на ЕПП во Европскиот парламент.
„Денеска создаваме политичка група која, според мене, ќе има одличен почеток и многу брзо ќе стане најголемата група на европската десница“, рече Орбан.
„Тоа ќе се случи за неколку дена, а потоа небото е граница“, рече тој.
ФПО соопшти дека наскоро ќе се одржи прес-конференција во Брисел или Стразбур со другите партии кои ќе се приклучат на алијансата.