(Видео)ОДАС: Насилство од наставниците кон учениците е неприфатливо

by Fokus

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС)по случајот на булинг од наставници во основното училиште Војдан Чернодрински, објави разговар со сестрата на малтретираниот ученик. Тие ги повикаа надлежните институции  да го решат случајот што побрзо и да не дозволат вакви случаи да се повторат.

Таа вели дека нејзиниот помал брат бил омаловажуван и навредуван и бил приморан од еден од наставниците да ја крене маицата, да ги испразни џебовите и да го истури ранецот на земја.

“Откога дознавме за случајот, тој сега посетува психолог. Во меѓувреме нашите родители поднесоа пријава за дисциплинска постапка против двајцата наставници и го пријавија насилството во полиција и просветниот инспекторат, а од директорката на училиштето добија понуда тој да добие петки, доколку нашите родители ја повлечат пријавата. Секако, тоа во ниеден момент не беше опција, бидејќи не сакаме ниту мојот брат, ниту кое било дете да се соочува со тоа што се соочи мојот брат“, изјави сестрата на ученикот врз кој е вршен булинг.

Таа смета дека училиштето е простор каде децата треба да се чувствуваат безбедно и среќно, но се повеќе се случуваат настани кои докажуваат дека тоа не е така во реалноста.

Од ОДАС велат дека менталното здравје е многу важно во развојот на децата. Тие треба да се чувствуваат безбедно на училиште и да не чувствуваат страв од соучениците, а уште помалку од наставниците.

“Насилството од наставниците кон учениците е длабоко загрижувачко прашање што ја побива самата цел на образованието.Неприфатливо е злоупотребувањето на моќ и позиција од страна на наставниците и директорите на училиштата. Насилството од наставниците кон учениците е сериозен проблем кој бара итно внимание и силни мерки“, велат од ОДАС.

 

 

Поврзани новости