Видео од торнадото во Неготино: Природен феномен кој станува се почест кај нас!

by fokus

По десетиците фотографии и видео снимки од краткотрајното, но доста силно невреме кое денес го зафати Неготино, на камера е фатен настанот и од подруг агол, кој дава појасна слика на случувањата.
Како што првично изјавија од ЦУК, Неготино денес беше погодено од торнадо, а според видо снимката која на ,,Фокус” и ја достави саксофонистот Мемет Дивјачев од Кавадарци, јасно се гледа овој природен феномен, за кој во Неготино не се помни дека некогаш се случил.

Дивјачев вели дека снимката ја направил во близина на Лакавица, односно на регионалниот пат Неготино – Штип.

-За прв пат во животот во Македонија видов вакво нешто, затоа и снимав. Бевме на среде пат кога ја забележавме оваа појава, делуваше нереално, па снимав – вели тој.

 

Инаку, торнадото е бура која е препознатлива по свртувањата на облакот во форма на цилиндар. Настанува поради нестабилност на атмосферата, кога топлите и влажни воздушни делови се подигаат и се составуваат со ладните и суви делови.

Торнадото е честа појава во САД, каде се случува годишно да има и над 1.000 вакви бури кои во зависност од јачината, често предизвикуваат огромни штети, а неретко има и човечки жртви.

Во Македонија изминатиот период торнадо беше забележано во Битолско, во Живојно, лани во јули. Видео снимки од торнадото тогаш објави метео прогнозерот Славчо Поповски, и тоа беше првата појава на торнадо во земјава забележана на камера. Траеше неколку секунди, но ја вознемири јавноста.

На 10-ти јули годинава пак, беше објавено видео на кое се гледа како мало торнадо превртува чамец во Охридско Езеро.
Пред два дена водено торнадо беше снимено за време на невреме во соседна Грција, на Халкидики.

Во Европа, годишно има околу 700 торнада, но со многу помала јачина од оние во САД.

Вики Клинчарова

Поврзани новости