По инцидентот во Собранието, во кој пратениците на Левица, Борислав Крмов и Димитар Апасиев го искршија мониторот на потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и гаѓаа со амандманите кои не им беа прифатени, седницата продолжи. Сепак, двајцата пратенции повторно побараа седницата да се прекине.
– Не можете амандмани кои вас ви одговараат, 12, а немате образложение. Прекинете ја седницата пред да ескалира, нема деловнички услови да се отвори точката.А ова пудлициве од ВМРО-ДПМНЕ кои тука седат, тие се тие кои ова го договорија, сите им се лижат мислејќи влада ќе прават, дури и ДУИ. Не знам зошто да се произнесам затоа што немам материјал. Кој е тој амандман бидејќи се 2.500 – рече Апасиев од собраниската говорница.
Пратеникот Крмов се јави за процедурално и искршениот монитор го фрли на земја.
– Прекинете ја седницата, додека се случува ова, не може да има седница. Ова значи дека секоја следна Влада ќе може што сака да прави. Прекинете ја, ескалиравме на опремата, не сме избрани да молчиме, не сме избрани за посрани привилегии кои ги имаме пратеници, туку да ги штитиме интересите на овој народ – рече Крмов, по што му ја одзеде картичката на Мисовски со која тој може да зборува преку микрофон.
– Што е ова бе, вака ли ќе се носат закони, ова да не се повторел црн петок, 27 април. Испаѓа дека со вас нема реазбирааее. Ајде тепајте ме. Не ми даваш ти право, народот ми дава право. Ајде, ќе ескалираме – додаде Крмов.
Се качи на бирото на Мисовски и почна да фрла со амандмани, па спикерот повторно даде пауза од половина час.