Веб порталот 4News објави видео од експлозијата на бомбата која во четвртокот беше активирана во дворот на Раде Трајковски-Штекли.
На видеото се гледа како Трајковски се движи низ дворот заедно со неговото куче и во 9:16 часот е активирана бомбата.
Според првичните претпоставки бомбата била активирана од далечина, а истрагата проверува и можен упад во системот на безбедносните камери во домот на нападнатиот. Се проверува дали егзекуторите имале увид во движењето на Трајковски преку камерите за да знаат кога да ја активираат бомбата.
Трајковски Штекли помина со лесни повреди и изгореници по телото. Ова е трет неуспешен напад врз него. Претходните два се случија во Ист Гејт, еднаш во гаражата од возило во движење, вторпат на ескалатор. Двапати Трајковски помина со полесни повреди, а во вториот напад во молот, беше потешко повреден маж од придружбата на Штекли.
Ниту еден случај досега не е расветлен. Истрагата претпоставува дека станува збор за напади кои се дел од престрелките во крвавата улична војна на скопските криминални групи.
Видеото со експлозијата од третиот напад во продолжение.